Линкови за пристапност

Австрија, Словенија и Хрватска го туркаат напред проширувањето и очекуваат уставни измени во С. Македонија   


Дел од земјите-членки на Европската Унија кои се во непосредно соседство на Западен Балкан туркаат иницијатива за забрзано пристапување на овој регион кон ЕУ. Австрија, Словенија и Хрватска се наоѓаат на фронтот составен од држави кои сметаат дека Унијата не смее да го тргне погледот од Балканот кој повторно се најде во европскиот фокус по почетокот на руската агресија врз Украина. Проценките на Виена, Љубљана и Загреб се дека во изминатите 20 години проширувањето кон Западен Балкан се одвивало бавно и дека не ги дало саканите резултати. Затоа, сега, како што во заедничка статија пишуваат шефовите на австриската, словенечката и хрватската дипломатија, потребна е нова динамика во процесот.

До каде се европските интеграции?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:32 0:00

„Сегашната ситуација е можност и за Европската унија и за Западен Балкан да покажат поголема стратегиско предвидливост, целосно да го вратат својот кредибилитет при проширувањето и да ја зајакнат меѓусебната доверба, од која некои беа изгубени со текот на годините“, велат Александер Шаленберг, Тања Фајон и Гордан Грлиќ Радман.

„Всушност, треба да се преземат неколку конкретни чекори без дополнително одлагање. Прво, Европската Унија мора да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година. Второ, Црна Гора мора да продолжи на својот реформски пат кон ЕУ, кој зависи од формирањето на новата влада во земјата. Трето, преговорите со Албанија и Северна Македонија треба да напредуваат. Во Северна Македонија, следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Последниот случај е потсетник дека земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови, кои не се поврзани со процесот на пристапување“, пишува министерската тројка.

А, токму уставните измени се главното политичко и прашање на поделби меѓу власта и опозицијата. Владата веќе не крие дека со секој изминат ден се скусува времето за затворање на оваа тема и отворање на преговарачките поглавја.

„Разговараме со сите пратеници, со сите политички партии и сметаме дека се уште има доволно време за да се донесат вистинските одлуки. Со секој изминат ден има помалку време, но сметаме дека има доволно време за до крајот на ова година да се завршат сите обврски. Работиме паралелно на сите процеси, не чекаме да заврши едниот за да го почнеме другиот, работиме паралелено и на патоказите и на акцискиот план и на уставните измени“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Шефот на владата, пак, на првиот академски час, на новите студенти им порача дека државата може да оди напред само како дел од ЕУ и со младите, кои наместо да заминуваат, ќе останат да живеат во својата земја – членка на Унијата.

„Државата може да се развива само меѓу демократски држави, а не во изолација. Поголемата конкурентност, конкретно на европскиот пазар од 500 милиони луѓе, дава можности да сте вреднувани и барани на пазарот на трудот. Затоа, правиме пат за членство во ЕУ – тоа да се случи до 2030 за да имаме европски услови за живот, работа и развој, тука во нашата држава“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Но, дали така ќе се одвиваат работите на европскиот пат, на кој досега Македонија и нејзините граѓани доживеаја бројни разочарувања, ќе покажат наредните месеци

XS
SM
MD
LG