Линкови за пристапност

Повеќе од 1.000 возила изложени на Саемот за автомобили во Чикаго


Годинава има зголемена застапеност на компактните теренски возила и на камионетите, додека класичните патнички возила од типот „седан“ се во помал број

Повеќе од 1.000 возила се изложени на најголемиот Саем за автомобили во САД што деновиве се одржува во Чикаго. Саемот е со најдолга традиција во земјата, а годинава изложбениот простор опфаќа речиси 100.000 метри квадратни во Центарот „Мекормик“.

Бројни производители ги претставуваат своите најнови модели кои допрва треба да влезат на пазарот. Тоа што особено се забележува годинава е малата застапеност на класичните патнички возила од типот „седан“.

Според објаснувањето на производителите, американските потрошувачи, како и потрошувачите низ светот во последните години се фокусирани претежно на компактни теренски (SUV) возила и на камионети. Полека се напушта концептот на градско патничко возило.

Во таа насока е инвестицијата од една милијарда долари на „Форд“ за развој на потребните капацитети за производство на популарните модели „експлорер спорт“, како и новиот теренец „линколн маринер“.

Компанијата планира и кон крајот на годинава да го прекине производството на моделите „фокус“, „фиеста“ и „фјужн“.

Во слична насока се движи и производителот „Џенерал моторс“.

Според објаснувањето од оваа компанија, компактните теренски возила се новите фамилијарни автомобили. Во рамките на саемот овој автомобилски бренд презентираше два нови модели од популарната линија „силверадо“.

Според статистиките во 2018 година во САД биле продадени 17 милиони автомобили, а 70 проценти од нив биле компактни теренски возила или камионети. Овој тренд се очекува да продолжи да расте.

XS
SM
MD
LG