Линкови за пристапност

Западот загрижен за блиските врски на Австрија и Русија


Но и италијанската Северна лига е блиска со Кремљ што не ги прави среќни американските разузнавачи

Поранешниот директор на германското разузнавање вели дека повеќе не е безбедно тајните на НАТО да бидат споделувани со Австрија. Неговото предупредување доаѓа во време кога постои зголемена загриженост кај западните разузнавачки агенции за блиските врски помеѓу австриски министри и Русија.

Стравувањата доаѓаат по полициската рација која беше спроведена во седиштето на австриската разузнавачка агенција во февруари, кога беа одземени доверливи досиеја. Упадот ги подгреа сомневањата дека екстремно десничарската влада на Австрија го сторила тоа од политички причини.

„Се разбира, постои голема претпазливост при размената на информации“, рече за германскиот весник Билд, Август Ханинг, поранешен шеф на германската разузнавачка служба, БНД. „Споделувањето на меѓународни разузнавачки информации е од суштинско значење, исто како што е и сигурноста дека чувствителните информации се безбедни кај партнерските агенции. Тајноста мора да се одржи. Но, тоа е неверојатно тешко кога имате ситуација како онаа во Австрија“ додаде тој.

Виши претставници од Партијата на слободата, која е во коалициона влада со конзервативната Народна партија на Австрија повикаа на укинување на санкциите кон Русија, кои беа наметнати по анексијата на украинскиот полуостров Крим во 2014-та година.

Блискоста меѓу Партијата на слободата и Кремљ беше видлива и минатата недела кога рускиот претседател Владимир Путин беше гостин на свадбата на австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнеисл.

Присуството на Путин го трансформира приватниот настан во политички и предизвика медиумска бура.

Путин беше гостин на свадбата на австриската министерка за надворешни работи Кнеисл.
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:52 0:00

Австрија не е единствената членка на НАТО која предизвикува загриженост заради подемот на популистичките партии кои имаат поддршка од Кремљ.

Во март, Гласот на Америка извести дека американските разузнавачки агенции прават проценки кои информации можат да ги споделат со италијанските колеги по формирањето на коалиционата влада во Рим. Загриженост доаѓа поради тоа што во власта влезе и десничарската партија, Северна лига. Како и Партијата на слободата во Австрија, Северната лига има формален пакт за соработка со партијата Обединета Русија.

Претставници на американската разузнавачка служба кои сакаа да останат анонимни велат дека се плашат од протекување на информации до Москва. „Ќе има големо кратење на она што го даваме на Италијанците. Сепак, ова нема да влијае на размената кога станува збор за џихадистички или терористички закани.“

И без тоа, разузнавачките односи меѓу САД и Италија беа нарушени во 2009-та година, кога италијански суд во отсуство го осуди поранешниот шеф на канцеларијата на ЦИА во Италија и 22 други Американци, речиси сите разузнавачи заради нивната вмешаност во киднапирањето на муслимански свештеник во Милано кое било извршено во 2003-та година и негов трансфер во Египет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG