Линкови за пристапност

Асанж останува во еквадорската амбасада во Лондон


Основачот на Викиликс не успеа да издејствува откажување на британската потерница за негово апсење

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж, денеска загуби по барањето да се откаже британската потерница за негово апсење, потег за којшто се надеваше ќе го ослободи од самоналожениот егзил во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Британски суд го отфрли аргументот на неговите адвокати, дека повеќе не е во јавен интерес Асанж да се придржува на налогот за прекршување на условите за кауција кога првпат влегол во амбасадата пред речиси шест години, за да избегне екстрадиција во Шведска, заради наводите за силување. Шведска минатата година го повлече случајот од истрага.

Судијката Ема Арбунт додаде дека 46-годишниот Асанж „се чини дека себеси се смета над правните норми и сака правда, само ако тоа оди во негова корист“.

Асанж изјави дека стравува оти неговото апсење би можело да доведе до екстрадиција во САД, каде би се соочил со кривични пријави за објавувањето на тајни американски воени документи и дипломатски информации во 2010-та година.

Американскиот главен правобранител Џеф Сешнс, минатата година изјави дека апсењето на Асанж е „приоритет“.

На Британскиот суд му беше кажано дека Асанж страда од проблеми со забите, проблеми со рамото и депресија. Стравувајќи за својата безбедност, тој ретко се појавува на балконот на амбасадата, но, преку видео линк, често учествува на медиумски конференции и кампањи за неговиот случај.

Еквадор на Асанж, инаку родум во Австралија, му даде државјанство минатиот месец.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG