Основачот на Викиликс Џулијан Асанџ во вторник се појави пред суд во Лондон, каде му е одобрена кауција, една недела откако лондонскиот суд го одби неговото прво барање.
Асанџ се бори против екстрадиција во Шведска, каде е баран за испрашување во врска со наводни сексуални престапи. Тој ги негира наводите.
Австралијанецот се предаде на британските власти минатата недела откако Шведска објави меѓународна потерница за апсење.
Поддржувачите на Асанџ кажаа дека ќе протестираат пред судот во вторник. Некои веруваат дека барањето за екстрадиција било мотивирано од објавувањето на стотици илјади документи, меѓу кои и тајни американски документи на страницата на Викиликс.