Со вкупно 137 милиони долари САД во период од една година ја поддржале македонската армија и министерството за одбрана. Тоа денеска на воениот полигон Криволак го соопшти министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Министерката воедно и лично ѝ се заблагодари на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, за најновата сума од 31 милион долари поддршка во македонската одбрана.
„Заедно со претходно одобрените средства, тие претставуваат вкупно 137 милиони долари поддршка за проектите на македонската армија и на Министерството за одбрана. За споредба, тоа претставува речиси една половина од буџетот на министерството и на армијата“, рече министерката Петровска.
Петровска и амбасадорката Агелер беа во посета на воениот полигон каде се одржува неколкудневна вежба на американски воени хеликоптери од типот Black Hawk.
„Криволак е тренинг центар на македонската армија, но задоволна сум од фактот што особено во изминатиот период тој се користи од страна на армиите на сојузничките земји и на нашите партнери. Тоа се должи пред сe’ на одличните теренски услови што ги има Криволак. Но, се разбира и на капацитети кои се изградени и во кои во континуитет инвестираме со нашите партнери“, истакна министерката Петровска.
Американската амбасадорка, пак, додаде дека припадниците на американската армија се исклучително задоволни од можностите за тренинг што ги нуди полигонот Криволак.
„Овие капацитети за обука и ресурси што ги имате на полигонот Криволак е навистина од клучно значење и претставува место за обука од светска класа. Ваквиот тип обуки ја покажуваат и ја утврдуваат силата на соработката и партнерството меѓу САД и Република Северна Македонија“, истакна амбасадорката Агелер.
Во текот на минатата година на Криволак се одржале 10 вежбовни активности во кои учествувале сојузнички армии. Своите редовни обуки на полигонот ги одржува и македонската армија.
Инженерскиот батаљон изгради и обиколница и патишта низ полигонот кои се протегаат во должина од 60 километри. Во близина на Криволак, се врши и интензивна обнова на железничката инфраструктура.
Facebook Forum