Линкови за пристапност

Барикади, специјалци, контроли: Тензично одбележување на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев


Полицијата го контролираше пристапот кон гробот на Гоце Делчев
Полицијата го контролираше пристапот кон гробот на Гоце Делчев

На граничниот премин „Деве баир“ за влез во државата дошло до нарушување на јавниот ред и мир, при што тројца бугарски државјани од групата која имаше намера да дојде во Скопје, биле приведени од македонските полициски службеници

Тензично, со полициски барикади, со хеликоптерско набљудување на Скопје, со контролирано движење на граѓаните и медиумите, но и со нарушување на јавниот ред и мир на границата со Бугарија, помина денешното одбележување на 151 годишнина од раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев.

Тензично одбележување на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Први пред саркофагот со моштите на великанот се поклонија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, со дел од министрите од владиниот кабинет, како и претставници од армискиот врв.

Државните претставници не сакаа да дадат изјави после положувањето венци. Од Владиниот кабинет излегоа со соопштение, во кое се вели дека идеалите на Гоце Делчев за, како што се истакнува, културен напредок меѓу народите, се патоказ за политиките на Владата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ дојде во придружба со неколку стотини симпатизери, како и со дел од претставниците од локалната власт. Но, и тие мораа да застанат пред полициските рампи и да ги поминат потребните проверки пред да продолжат кон гробот на Гоце Делчев.

„Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја и од нашиот македонски ген. Тоа е чувство на задоволство и среќа кај секој чесен Македонец, без оглед каде се наоѓа. И второ е чувството на разочараност. Чувство кое кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва, па втора барикада до овде до оваа црква. Наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство, ние денес, за жал, сме подалечни од кога и да било во нашата историја“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Поклонение пред моштите на македонскиот револуционер имаше и бугарска делегација, што ја предводеше вицепремиерот и технички министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев.

Во изјава за медиумите, Демерџиев посочи дека побарал од неколку лица од Бугарија да не доаѓаат на гробот на Гоце Делчев, зашто нивното присуство може да биде оценето како провокација.

„Ние треба да најдеме пат за одење напред. Тоа е патот кон обединета Европа, која претпочита стабилност, взаемна доверба и почитување. Ние, политичарите од двете држави сме должни да изградиме таква взаемна доверба и почит какви што има меѓу народите од двете држави“, рече Демерџиев.

На гробот се поклони и бугарска делегација
На гробот се поклони и бугарска делегација

Групата бугарски граѓани чиешто присуство беше најавено во Скопје, сепак не дојде. На граничниот премин „Деве Баир“ поради, како што беше соопштено, „технички причини“ се случи неколкучасовен застој, па повеќето од групата се откажале од намерата за преминување на границата.

Сепак, како што соопшти МВР, на границата дошло до нарушување на јавниот ред и мир, при што тројца бугарски граѓани биле приведени од страна на македонската полиција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG