Линкови за пристапност

Состојбата со Балканскиот рис се стабилизира, но тој и натаму е загрозен вид


Седумдесет отсто од популацијата на балканскиот рис се наоѓа на македонска страна и најмногу го има во западниот дел на државата
Седумдесет отсто од популацијата на балканскиот рис се наоѓа на македонска страна и најмногу го има во западниот дел на државата

По 40 години, во Националниот парк Галичица, Балканскиот рис повторно беше забележан во 2020- та година. Во целиот регион има околу 40-50 возрасни единки

Вака изгледа Балканскиот рис, загрозен животински вид, кој во Северна Македонија е заштитен со закон. Од 2015-та годинa e дел и од листата на критично загрозени подвидови на меѓународната унија за заштита на ретки видови животни. Шеснаесет години, од почетокот на проектот за утврдување на точниот број, преку методот на фото-замки, од Македонското еколошко друштво велат дека ситуацијата сега е стабилна.

„Мапата на распространување на рисот тогаш и сега, кога би ја споредиле, гледаме дека наоѓаме единки и надвор од јадровото подрачје, а тоа е НП Маврово. Што значи дека постои репродукција во тоа јадрово подрачје и сите оние единки, кои немаат свој дом или своја територија, бидејќи е зафатена од други единки, почнуваат да се шират кон останатите предели“, вели Диме Мелоски од МЕД.

Во моментот велат од МЕД, нивната бројка се движи помеѓу 40 и 50 возрасни единки, вклучително и на подрачјето на Албанија и Косово. Но 70% од популацијата се наоѓа на македонска страна. Најмногу го има во западниот дел на државата.

Во 2020-та година после 40 години, за прв пат на камерите на фото-стапиците поставени беше забележана една единка, мажјак, за да во следниот период од година и пол успееме да го забележиме уште осум пати на фото-стапиците
Дејан Димиџиевски, НП Галичица

„Балканскиот рис беше забележан за последен пат на крајот на 70-те години во НП Галичица и следните 40 години не беше забележана ниту една единка официјално и е сведочење од кожар во Охрид, на кој некој овчар му однел кожа од рис. Во 2020-та година после 40 години, за прв пат на камерите на фото-стапиците поставени беше забележана една единка, мажјак, за да во следниот период од година и пол успееме да го забележиме уште осум пати на фото-стапиците“, вели Дејан Димиџиевски од НП Галичица.

Деградираните шумски еко системи, криволовот на неговиот омилен плен, срната, дивата коза и зајакот, се главни причини за неговото исчезнување, кој во минатото бил распространет и на други делови низ државата.

„Заедно со МЕД, извршивме мониторинг на срна и утврдивме дека на 1 километар квадратен има два срндачи и три до четири женки, што на територија од околу 160 км2 под шума, тоа би било бројка од околу 1000 единки приближно. И тоа значи дека на територија на НП Галичица, би можело да има и неколку единки на рис, бидејќи има доволно плен“, додава Димиџиевски.

Активистите со години алармираат дека од страна на државата треба да се преземат поригорозни мерки за заштита на Балканскиот рис, да се зголеми инспекторската и ренџерската служба со цел повеќе луѓе да бидат на терен.

Казните за убиен рис, се движат и до 15.000 евра и 15 години затвор.

„Никогаш не се случило, дури некој случај да биде почнат, да биде гонет некој сторител, а веќе имаме неколку пати податоци или докази за такви прекршоци“, вели Мелоски.

Од МЕД сега работат на петгодишен проект, со кој треба да се види, дали поради размножувањето во сродство на рисот му е потребен внес од нова крв и нови единки, кој што ќе бидат од различна популација, а со цел да се збогати генетскиот фонд.

„И со цел да избегнеме малфромации кои можат да дојдат од размножувањето во сродство, односно да направиме транс локации на различни единки од различни јадрови подрачја. Има едно во Албанија и Маврово во Македонија“, додава Мелоски.

Инаку Балканскиот рис е еден од трите подвидови на Евроазискиот рис, и се среќава во Југозападниот дел на Балканот. Постојат уште и Карпатскиот рис и северната популација.

XS
SM
MD
LG