Линкови за пристапност

Гласот на другиот да се слушне: Ромските уметници порачуваат – нема место за предрасуди


Во Музејот на современа уметност е отворена изложба „Сè што имаме заедничко“, а чија порака е да се надминат стереотипите кон ромската заедница и воопшто кон маргинализираните
Во Музејот на современа уметност е отворена изложба „Сè што имаме заедничко“, а чија порака е да се надминат стереотипите кон ромската заедница и воопшто кон маргинализираните

Веќе нема место за создавање предрасуди кон ромската заедница, порачаа дел од уметниците учесници на изложбата „Сè што имаме заедничко“ во МСУ, насочена кон уривање на стереотипите кон маргинализираните групи во општеството

Уметноста, авторите, уметниците се тие што можат да помогнат да се урнат предрасудите кон ромската заедница и да му се покаже на општеството дека и меѓу нив има квалитетни и современи творци. Тоа, меѓу другото го порачаа дел од учесниците на изложбата „Сè што имаме заедничко“, а која беше отворена вчеравечер, вторник, во Музејот на современата уметност.

„Гласот на другиот да се слушне. Нашиот музеј се наоѓа во соседство каде што живее ромската заедница и долго време чувствувавме своевиден долг дека треба да работиме нешто заедничко со нашите соседи“, истакна за „Гласот на Америка“, Мира Гаќина, директорка на МСУ.

Ромските уметници да се охрабрат и да почнат да создаваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Изложбата е во рамките на 14. Европско номадско биенале за современа уметност, „Манифеста“. Куратори се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.

На отворањето се одржа и перформанс на „Рома Џем Сешн“, уметнички колектив што го сочинуваат Мустафа Асан (Северна Македонија), Мо Динер (Швајцарија) и Милена Петровиќ (Србија).

„Задачата на уметниците би била, со нивната работа, да го покажат невидливото“, истакна уметникот Мустафа Асан од „Рома џем сешн“.

Со свои дела „Создавање“се претстави и Ахмед Кадри, ликовен уметник, кој предава и во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари.

„Во моментов сликам чувства, но се поврзани со традиционални обичаи и со занаети“, вели Кадри.

Важно е да видат и луѓето кај нас дека Ромите се исто така добри во современата уметност, дека добро се изразуваат. Ги допираат тие прашања што нив ги засегаат
Мира Гаќина, Директорка на МСУ

На изложбата се поставени дела на македонски уметници, како и на автори од Англија, Словачка, Швајцарија, Србија, БиХ, Германија, Австрија и од Полска. Заедничка поврзаност меѓу изложените дела е пораката дека ромската заедница се соочува со постојани предизвици за сопственото опстојување и за градење слика за себе која нема да биде под предрасуди.

„На Ромите им недостасува една финансиска поткрепа, со што ќе можат да работат, да создаваат и да имаат удел во културата“, нагласува уметникот Асан.

Директорката на Музејот, пак, додава дека е неопходно пошироко испраќање на пораката од нивната изложба.

„Важно е да видат и луѓето кај нас дека Ромите се исто така добри во современата уметност, дека добро се изразуваат. Ги допираат тие прашања што нив ги засегаат“, посочува Гаќина.

Искрено, веќе не гледам предрасуди. Ромчето веќе не размислува на не-образование, туку размислува да се образува
Ахмед Кадри, уметник

Уметникот и наставник, Кадри, посочува дека веќе нема место за предрасуди кон ромските деца.

„Искрено, веќе не гледам предрасуди. Ромчето веќе не размислува на не-образование, туку размислува да се образува“, нагласува Кадри.

Пораките за ослободување од стегите одат и кон самите ромски автори.

„И ромските уметници да се ослободат од предрасудите и да бидат колку што може активни. Само активноста ќе ја подобри сликата и ситуацијата на ромската заедница“, додава Асан.

Ромските уметници да се ослободат од предрасудите и да бидат колку што може активни. Само активноста ќе ја подобри сликата и ситуацијата на ромската заедница
Мустафа Асан, уметник

„Да живеат слободно, да имаат уметност во душата. Не мора да сликаат, доволно е да сликаат во себе. Тоа еден ден ќе се рефлектира, без оглед дали на платно или на некој друг начин“, додава уметникот Кадри.

„Нашите сограѓани да дојдат и да видат како тие творат и што создаваат“, апелира директорката Гаќина.

„Нема предрасуди, нема ништо. Само уметник во душа и ќе биде сè во ред“, порачува Кадри со надеж за позитивен исход кон уривањето на предрасудите.

Изложбата „Сè што имаме заедничко“ ќе биде отворена до 20 февруари, 2023 година во Музејот на современа уметност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG