Линкови за пристапност

Сладолед од вино, електронски шах, еколошка мода – македонски креативци и иноватори го освојуваат пазарот


Креативните индустрии стануваат сè поинтересни за младите креативци, иноватори и претприемачи
Креативните индустрии стануваат сè поинтересни за младите креативци, иноватори и претприемачи

Сè повеќе студенти и млади претприемачи се насочуваат кон креативните индустрии. Но, често се соочуваат со институционални пречки и слаба соработка на домашниот пазар

Сладолед од вино, електронска шаховска табла, редизајнирани парчиња облека. Тоа се само дел од бројните креативни продукти со кои наши млади претприемачи, инженери, дизајнери се обидуваат да се пробијат на домашниот и на меѓународниот пазар.

„Патот е многу тежок, преземаме големи ризици, но, на крајот на денот, зошто да не“, вели Софија Дацева, основачка на компанијата „Матриошка“ што го произведува првиот сладолед со вино кај нас.

Овие млади креативци можевме да ги видиме деновиве во Скопје, на Саемот за креативни индустрии. Веруваат дека со тоа што го прават може да се успее и во македонското општество.

„Дури и свесноста за нешто уникатно е на ниско ниво кај нас. Но, сето тоа се менува. Јас, или некој друг, сме тие што можеме да ги направиме тие промени“, укажува Аммар Качар, млад визуелен уметник и моден дизајнер.

Сладолед со вино, иновација на младата компанија „Матриошка“
Сладолед со вино, иновација на младата компанија „Матриошка“

Една од тие приказни што чекор по чекор го градат успехот е сладоледот од вино „Wice“, на компанијата „Матриошка“ од Скопје. Нивниот уникатен продукт веќе го освојува регионалниот пазар.

„Ние имаме развиено формула со која точката на мрзнење на виното се покачува од минус 18, на нула степени. На тој начин крајниот производ е всушност ‘Wice, сладоледот со вино. Едно канче од 180 милилитри има еквивалентен ефект на консумирање една чаша вино“, објаснува Дацева која го презентира нивниот уникатен продукт.

Спојот на личната пасија за шахот и високите познавања во електрониката довеле до креирање на електронска шаховска табла. Автор е Дејан Пејчиноски, инженер за електротехника и информациски технологии.

Со мали чекори одиме кон некаква промена во размислувањето. Мислам дека има перспектива
Аммар Качар, Визуелен уметник

„Шахистите, кога не би имале вакви табли, на натпревар рачно ги запишуваат потезите и на крајот од партијата му ги предаваат на судијата. Но, со вакви табли, нивните потези се запишуваат автоматски, се чуваат во дигитален формат и потоа ги земаме само со еден клик“, објаснува инженерот Пејчиноски за неговиот уред.

Вниманието на корисниците се освојува и преку еколошка свест со дизајнирање облека, чанти, накит од материјали што останале како вишок. Таков е бреднот „Ред“ на модниот дизајнер Аммар Качар.

„Кожните материјали, на пример, ги земам од фабрика каде што веќе не им се потребни. Потоа им наоѓам пренамена и ги претворам во ранци, торби и слично“, вели визуелниот уметник и дизајнер Качар.

Започнавме на домашниот пазар, тука го лансиравме производот. Но, овде имавме, за нијасна, поголема скептичност, за разлика од начинот на кој бевме прифатени на другите балкански пазари
Софија Дацева - Сладолед „Wice“

Голем број млади креатори, инженери, пронаоѓачи, сè уште се во студентските клупи и веруваат дека и од таму можат да создадат нешто ново.

„Има компании што бараат креативни луѓе да дојдат, да се изразат и да работат на нешто свое“, посочува Марко Зајков, студент на четврта година при Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Но, за да се биде успешен на пазарот, покрај ентузијазмот, потребна е стратегиска поддршка за тие индивидуи и организации. Од Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) велат дека е неопходно насочување на младите.

„Верувам и со сигурност можам да кажам дека 50 до 80 отсто од денешните деца ќе работат во тие креативни индустрии. Но, клучното и целта на овој тип настани, е што мораме да ги канализираме тие потенцијали, мора да ги освестиме, да ги зачуваме“, укажува Елена Бојаџиева Цветковска, претседателка на УМПАКИ.

Образованието се посочува како клучен фактор во развојот на креативниот сектор.

„Најголем јаз имаме во образованието, коешто не ги следи тие трендови на развој на креативните индустрии. Едноставно, не е адаптирано за тоа што денешните деца ги интересира и би сакале да учат. И, тука се судираме со еден момент на недоволна обука на кадрите кои во иднина сигурно би биле дел од тие индустрии“, додава Бојаџиева Цветковска.

Изложувачите со коишто разговаравме веруваат во успех, но додаваат дека, за разлика од поразвиените земји, тоа кај нас се случува побавно.

  • „Започнавме на домашниот пазар, тука го лансиравме производот. Но, овде имавме, за нијасна, поголема скептичност, за разлика од начинот на кој бевме прифатени на другите балкански пазари“, вели Дацева од „Матриошка“.
  • „Има шанси за развој. Не е присутно насекаде, но има фирми што прават развој“, додава инженерот Дојчиноски.
  • „Со мали чекори одиме кон некаква промена во размислувањето. Мислам дека има перспектива“, смета дизајнерот Качар.

Овие креативци се надеваат на подадена рака од институциите, но и на поголема доверба од македонските граѓани кон тоа што тие го создаваат како домашен продукт.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG