Линкови за пристапност

Опасност од растројства кај учениците поради дојавите за бомби во првото полугодие


Пост трауматски синдром, анксиозност, растројства се само дел од можните последици врз децата доколку не се воведат дополнителни мерки за одржување на нивното ментално здравје
Пост трауматски синдром, анксиозност, растројства се само дел од можните последици врз децата доколку не се воведат дополнителни мерки за одржување на нивното ментално здравје

Кога би интервенирале сега и би работеле со сите деца, со наставниците, со родителите, ние би ја намалиле веројатноста дека некој од нив ќе развие некакво анксиозно растројство, укажува претседателката на Комората на психолозите, Мирјана Јовановска Стојановска

Пост трауматски синдром, анксиозност, растројства се само дел од можните последици врз децата доколку не се воведат дополнителни мерки за одржување на нивното ментално здравје. Така укажуваат психолози, после серијата дојави за поставени бомби во училиштата што се случуваа во текот на првото полугодие.

„Кога би интервенирале сега и би работеле со сите деца, со наставниците, со родителите, ние би ја намалиле веројатноста дека некој од нив ќе развие PTSD, или дека понатаму ќе развие некакво анксиозно растројство“, вели Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолозите.

Едно од училиштата во кое учениците се соочија со дојава за бомба беше и ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската општина Аеродром. После евакуацијата, училиштето решило да нема дополнителни разговори со учениците на таа тема.

„Сега за сега, се обидуваме да не разговараме на таа тема. Едноставно, сè да тече во нормален ред, бидејќи наше размислување е дека, и да разговараме на таа тема, создаваме дополнителен притисок, без оглед дали има или нема дојава за експлозивна направа. Едноставно, функционираме најнормално, како да не било ништо“, вели Марјан Јовановски, директор на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“.

Кога би интервенирале сега и би работеле со сите деца, би ја намалиле веројатноста дека некој од нив ќе развие PTSD, или дека понатаму ќе развие некакво анксиозно растројство
Мирјана Јовановска Стојановска, Комора на психолозите

Oпштина Аеродром е најголема во државата. Има осум училишта што ги чува приватна служба. Општинските власти велат дека ги следат состојбите. Но, засега нема план за конкретни дополнителни мерки поврзани со психолошката состојба на учениците.

„До сега, за среќа, во Аеродром се има случено во многу мал обем, тоа што се случуваше. Само еднаш имавме помасовна дојава во сите основни училишта во еден ден. Но, секако ние ја следиме состојбата. Службите во училиштата, педагошките служби, социјалните работници работат со децата, работат со нивните наставници. Така што во зависност од развојот на состојбата, секако, сè што е неопходно за дополнително да се преземе, службите во општината секако се на располагање на училиштата“, вели Тимчо Муцински, градоначалник на општина Аеродром.

Според претседателката на Комората на психолозите, ситуацијата со која се соочија учениците е вонредна. Укажува дека се потребни и вонредни превентивни мерки.

„Заканата е сериозна. Но, таа доза на сериозност што децата можеби некаде во себе ја потиснуваат, но секогаш ја чувствуваат, на крајот ќе стане кумулативна. Така всушност цело време ќе бидат изложени на еден голем стрес“, додава Јовановска Стојановска.

Од Министерството за образование и наука, пак, се повикуваат на редовните годишни програми со кои, како што велат, се предвидени активности за подобрување на менталната состојба на учениците.

“Во училиштата работи педагошки кадар кој е секојдневно во непосредна комуникација со учениците и согласно типот на образование, наставниците се обучени и подготвени да им помагаат на ученците во надминувањето на предизвици од различна природа, вклучително и поддршка при стресни ситуации какви што се сметаат и дојавите за бомби“, ни одговорија од МОН.

Да си ги процесираат емоциите кои се јавиле. Да видат што е тоа што нивните другари го доживеале, што доживеале нивните наставници, што доживуваат нивните родители. Да им стане јасна ситуацијата..

Стручниот став на психолозите и натаму е дека е неопходен поорганизиран пристап кон проблемот.

„Акција што ќе ја предводи Министерството за образование, Бирото за образование или кој и да ја преземе надлежноста на сето тоа. Да организира стручна помош, да покани психолози, да седнеме сите заедно, да направиме план како тоа ќе се работи, да се унифицира во сите училишта, за сите возрасти. Да се зборува, да им се даде можност на децата да разговараат за тоа. Да си ги процесираат емоциите кои се јавиле. Да видат што е тоа што нивните другари го доживеале, што доживеале нивните наставници, што доживуваат нивните родители. Да им стане јасна ситуацијата. И, ако ништо друго, барем самите со себе да останат на чисто“, апелира претседателката на Комората на психолозите.

Според податоците од МВР, во првото полугодие имало повеќе од 200 дојави за бомби во училиштата. Податоци за психолошките последици врз учениците, засега нема.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG