Линкови за пристапност

Најголема и дигитално најопремена: Отворена новата судница кај Идризово, првото судење е на 14 декември


Целта на изградбата на оваа судница е да се обезбедат поефикасни судски процеси
Целта на изградбата на оваа судница е да се обезбедат поефикасни судски процеси

Оваа судница мора да се користи. Mора да се користи за да бидеме сигурни дека судењата се спроведуваат во разумен временски период, рече Ерик Мејер од Амбасадата на САД која ја донираше безбедносната опрема во објектот

Системи за заштита на идентитетот на сведоците, можности за онлајн испитувања, безбедносни простории, камери, монитори, се дел од опремата во новата судница во Идризово, што денеска беше пуштена во употреба.

Целта на изградбата на оваа судница е да се намалат трошоците за транспорт на обвинетите лица, да се овозможи поголема безбедност на инволвираните во судските процеси, како и да се обезбедат поефикасни судски процеси.

Уверен сум дека оваа судница, како дел од тој мозаик претставува значаен удел во целиот систем на правда
Никола Тупанчески, Министер за правда

„Остварувањето на владеењето на правото како принцип и вредност е исклучително комплексен процес. Тоа е мозаик составен од мали, меѓусебно поврзани делови. Уверен сум дека оваа судница, како дел од тој мозаик претставува значаен удел во целиот систем на правда“, рече министерот за правда Никола Тупанчески.

Изградбата на објектот чинела 1,3 милиони евра. Вградените безбедносни системи во зградата и во салата се донација од САД во вредност од 60.000 евра.

„Оваа судница мора да се користи. Mора да се користи за да бидеме сигурни дека судењата се спроведуваат во разумен временски период. Мора да се искористи за да се испорача ефикасна правда. Мора да се искористи за да бидеме сигурни дека нашите заеднички инвестиции се од полза за граѓаните на Северна Македонија“, рече Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата на Амбасада на САД во Скопје.

Оваа судница мора да се користи. Mора да се користи за да бидеме сигурни дека судењата се спроведуваат во разумен временски период
Ерик Мејер, Амбасада на САД

Речиси 975 илјади евра од вложената сума се обезбедени преку ИПА акциската програма „Поддршка за секторот правда“ на ЕУ.

„Наша севкупна заедничка цел е развој на праведен ефективен и хуман правосуден систем од кој зависи и довербата на јавноста. Нема да биде изненадување кога ќе кажам дека има уште многу предизвици на ова поле“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Судницата е засебен објект и се наоѓа во близина на К.П.Д. „Идризово“
Судницата е засебен објект и се наоѓа во близина на К.П.Д. „Идризово“

За судницата Владата од буџетот издвоила околу 283 илјади евра финансиска помош и дополнителни 45 илјади евра преку Управата за извршување на санкции за набавка на мебел и опрема.

Објектот се наоѓа во близина на К.П. Идризово и се простира на површина од 1089 м2. Судницата е со површина од 290м2 и капацитет до 120 лица. Првото рочиште е закажано на 14 декември.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG