Глас на Америка: Како гледате на последните случувања на релација Софија- Скопје и до каде ќе одат ваквите политики на Бугарија?
Никола Попоски: Последните случувања се само последна фаза од ескалацијата и влошувањето на билатералните односи, кои ги имаме со Бугарија, а коренот на тоа веројатно треба да го бараме и во прифаќањето на Договорот. Од оној момент кога ние прифативме целосно бугарски терк за билатералниот Договор за добрососедство, кој во тоа време никој не ни го бараше, во нивни очи едноставно се поместија границите, за тоа што сè можат да добијат од овој процес.
Во меѓувреме со оглед на тоа дека имаат и почесто избори, најрадикалните политички структури ја имаат земено оваа агенда во свои раце. За нив промената на Уставот во Македонија, веќе не е ни прашање кое треба да се поставува, едноставно треба да го исполниме, да се јавиме дали пред или после избори во нивни очи целосно небитно, за да ни ги достават реалните барања и очекувања и кои ќе произлезат во однос на тоа што треба да се исполни од Македонија во следната фаза во поглед на бугарската заедница.
Глас на Америка: Како гледате на односот на македонските власти кон провокациите кои доаѓаат од бугарска страна?
Никола Попоски: Премногу грешки и пропусти се направени од наша страна со нереагирање на такви провокации во минатото. Конечно мислам дека охрабрува фактот што претседателот Пендаровски се одважил да побара мерки. Мислам дека треба да го подржиме во тој поглед. Треба да се даде јасно до знаење дека има граница, преку која не сме подготвени да поминуваме.
Во однос на заканите или немање ниту минимална култура во однос на Македонија од страна на бугарски политичари, треба да повлечеме јасна линија и тука не треба да ги гледаме нашите внатрешни несогласувања. Има мал милион прашања по кои имаме разлики со Пендаровски. Во однос на ова прашање, треба да има мерки и треба да се стави јасно до знаење дека има граница, која не треба да се преминува.
Глас на Америка: Ќе продолжи ли Бугарија со своето вето?
Никола Попоски: Да, секако. Не треба да имаме никакви дилеми околу тоа. Нема да застанат со уставни измени. Впрочем не би ни барале уставни измени, доколку немаат други задни намери барем во следните чекори. Мислам дека јасно ни имаат дадено до знаење, дека нема да видиме ни П од преговори за пристапување кон ЕУ, доколку не ги исполнуваме тие нивни очекувања.
Не би било никакво изненадување во следна фаза да излезат со бројки и ставот од бугарска страна да биде, видете сега ги внесовте во Уставот, ние имаме 100.000 или 120.000 македонски граѓани, кои поседуваат бугарски патни исправи, дајте сега да видиме, колку се застапени во полиција, јавна администрација, државни компании и зависно од тоа да си ја имате следната транша за испорачување во поглед на тоа дали имате некакви очекувања, некогаш да влезете во ЕУ.
Тука мислам дека клучот е кај нас. Ние во оваа фаза треба јасно и недвосмислено да упатиме пораки кои ќе значат дека сегашните политичари се поинтелигенти од оние кои пред кратко време ни ветуваа дека веднаш ќе истрчаме во ЕУ, само што ќе го завршиме Договорот со Бугарија и тие ќе нè поддржат. Премногу искуства имавме во овој временски период, за да сфатиме дека работите не одат така и дека со креирање на нереални очекувања нема да одиме побрзо кон ЕУ.
Facebook Forum