Линкови за пристапност

Михаела Ѓорчева е прва жена основачка на кино во Северна Македонија


Ѓорчева се најде на листата на ФОРБС за триесет најуспешни претприемачи, помлади од 30 години. Таа во 2019 година во Свети Николе го формира и првото кино основано од жена

Од малото гратче Свети Николе, до листата на престижниот Форбс. Ваков е патот на младата девојка, Михаела Ѓорчева, која се најде помеѓу триесетте најуспешни претприемачи и активисти под 30 години, на европската листа на американското списание, во категоријата Entertainment. Влегува како основачка на првото кино во Северна Македонија, Киноверзум, во сопственост на жена, кое беше основано и почна со работа во 2019-та година во нејзиниот град.

„Кога се отвори Киноверзум, се направија многу позитивни промени во целиот регион. Не само во нашиот во вардарскиот регион, туку ние привлековме и голема публика и од истиочниот регион. И токму поради таа причина и поради тие позитивни промени што ги направивме и поради големата афирмација на филмската уметност во двата региони ние се најдовме на таа листа на ФОРБС“, вели Ѓорчева.

Ѓорчева објаснува дека ја кандидирале нејзините колеги. Ова е голем успех, ако се знае дека имало повеќе од 10.000 апликации од цела Европа.

„Кога влегов во потесниот избор бев контактирана од ФОРБС, по што одговарав на повеќе прашања во врска со моето образование, работата, како и на допопнителни прашања во однос на моето мислење за моменталната економска ситуација во Европа и последиците кои бизнисите ги чувствуваат после пандемијата“.

Во месец октомври 2022-та година, учествуваше и на ФОРБС самитот под 30, во Детроит, САД, наменет за оние кои некогаш биле дел од оваа листа или за оние кои би сакале да конкурираат. На истиот биле присутни успешни бизнисмени и основачи на компании. Таа беше единствената Македонка на оваа листа за 2022-та година.

„За мене најважно беше да ги слушнам инспиративните приказни на луѓето кои основале сопствен бизнис и го развивале. Некогаш тие бизниси и пропаѓале, но наоѓале начин како да ги вратат назад во живот. За мене настанот беше многу мотивирачко и позитивно искуство, кое ми даде многу идеи за понатамошен развој на мојот бизнис“.

За мене најважно беше да ги слушнам инспиративните приказни на луѓето кои основале сопствен бизнис и го развивале. Некогаш тие бизниси и пропаѓале, но наоѓале начин како да ги вратат назад во живот

А, за Михаела, ова престижно признание е можност за уште поголем напредок во кариерата.

„Јас сметам дека оваа листа на ФОРБС ми овозможува нов напредок, нови прилики за запознавање на луѓе кои работат во истата индустрија и нормално претставува една база на која би требало да ја темелам целата моја работа во иднина.Успев да се вмрежам со други млади прептремачи од Европа и Америка“.

Нејзината цел е Киноверзум да биде единствениот македонски ланец на кина, чија што реализација веќе стартувала. Во мооментот е на докторски студии на економскиот факултет во Љубљана. Но не размислува никогаш да ја напушти земјава. Од своите патувања вели собира само идеи и знаења кои ги применува во работата. Така бил осмислен и Киноверзум со инспирација од кината во Хрватска.

„Би било многу неблагодарно од моја страна да кажам дека не се гледам себеси во Македонија, бидејки се почна од овде. Моето образование почна од овде, мојата работа. Каде и да одам, каде и да се развиваат нашите бизниси, Македонија ќе остане нашата база“.

Во тригодишната работа на Киноверзум беа прикажани над 200 филмови со речиси 2000 реализирани проекции. Во Киноверзум се прикажуваат најновите филмови од светската филмска продукција. Ѓорчева не застанува овде. Во месец март, ќе учествува на ФОРБС самитот во Абу Даби, чија што цел ќе биде вмрежување на жени претприемачи и жени лидери. Иако доаѓа од мало место, вели дека тоа за неја е уште поголема инспирација.

XS
SM
MD
LG