СКОПЈЕ - Како да штедам, кога платата е само за преживување, од што да се скрати? Тоа беше прашањето со кое жител на Скопје ни одговори кога го прашавме како очекува да ја надмине галопирачката економска криза со која се соочуваат македонските граѓани.
Во разговори со жители на Скопје, повеќемина укажаа дека е неопходно секој да скрати на трошоците, колку што е можно. Наместо килограм, ќе се јаде шестотини грама, наместо пола праски да се фрлаат, да се купи само толку колку што е неопходно, советува еден од постарите жители во скопската населба Аеродром.
Занемарени се другите човекови потреби
Друга жителка на Скопје, пак вели дека македонските граѓани станале професионалци за издржување во кризи. Воедно советува во продавница да се оди само со список, да не се купуваат работи што не се неопходни и да се следат попустите. Но, заклучува и дека луѓето во домаќинствата почнале да водат домашен ноќен живот, односно да готват, перат, пеглаат после 22 часот поради поевтината тарифа на струјата.
Кај дел од соговорниците имаше и незадоволство што како последица од галопирачките поскапувања, се заборава и на другите човекови потреби, како одење во театар, кино, одење на одмор, купување облека, училиштен прибор. Некои, пак, веќе се откажале од користење автомобили и почнале сè повеќе да се движат и пеш, за да се заштеди колку што е можно.
Во дел од одговорите имаше и нагласени пораки до надлежните да им излезат во пресрет на семејствата и граѓаните што живеат со пониски примања.
Нов пакет антикризни мерки од 76 мил. евра
На вчерашниот брифинг со медиумите, владиниот портпарол Душко Арсовски истакна дека се подготвува нов сет антикризни мерки кој би тежел 76 милиони евра.
„Со ребалансот на буџетот за 2022 година се обезбедени 76 милиони евра за нови антикризни мерки. При крај е дизајнирањето на новиот пакет. Мерките ќе бидат насочени првенствено за ранливите групи граѓани кои имаат најголема потреба за помош. Но, дел од мерките ќе бидат насочени и токму кон стопанството“, истакна Арсовски и додаде дека за новиот пакет мерки се очекува да се расправа на една од скорешните Владини седници.
Инфлацијата до август 11,6 %
Народната банка вчера излезе со соопштение во кое посочи дека инфлацијата од почетокот на годинава, до крајот на август изнесувала 11.6%.
„Најголем придонес за растот на домашната инфлација има порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Но, нивниот подолготраен и посилен раст создава преносни ефекти и врз цените на останатите производи и услуги и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања“, се вели од Народната банка од каде посочија дека има потреба од водење претпазливи домашни политики.
Facebook Forum