Локалните медиуми ја бележат најголемата криза од нивното постоење, вели Димитар Мицев, претседател на Здружението на локални и регионални медиуми.
„Секој се снаоѓа кој како знае. Во моментот фокусот е ставен на преживување. И самите локални компании се фокусираат нивните јавни комуникации да ги спроведат преку другите канали, не користејќи ги локалните и регионални медиуми. Со тоа ги намалува приходите на самите медиуми“, додава Мицев.
Тој укажува дека локалните медиуми се наоѓаат во ситуација да не можат да ги покријат ниту основните трошоци, а се доведува под знак прашање и опстанокот на многу од нив.
„Се намалува фокусот на развој на медиумите. И во вакви ситуации сме сведоци како голем број медиуми гаснат, ги снемува, а со тоа и самото информирање на јавноста“, вели Мицев.
„Веќе сме во состојба кога сметките за електрична енергија се нешто подебели. Имаме преземено мерки. Да и ние се вклучиме во она што значи штедење на електрична енергија. Секако дека ограничено е тоа штедење, бидејќи се работи за електронски медиум, каде без електрична енергија, не може да се замисли функционирање како што треба на телевизија“, вели Кенан Мимидиноски, главен уредник на телевизија 3 Дебар.
Мимидиноски, вели дека во ваква ситуација надлежните институции треба да преземат мерки да им помогнат на медиумите.
„Да сепак добијат одредени средства, колку толку состојбата да се санира економски. За сега работиме според динамика на планот и не даваме можност покачувањето на електричната енергија да влијае врз квалитетот на програмата“, вели Мимидиноски.
А бројот на медиуми кои ставаат клуч на врата е во пораст.
„Од 2019 година дури 14 локални и регионални медиуми се затворени, од кои две во 2022 година. Девет радио станици од 2019 од кои две во 2022 година. Овој тренд очекувам да биде и во 2023 година. Не гледам како може економската ситуација да се подобри во нашата држава, со тоа што ние сме први на удар“, вели претседателот на Здружението на локални и регионални медиуми.
Затворањето на локалните гласила според Мицев, со себе ќе повлече и други последици.
„Затворањето на локалните гласила може да придонесе до многу работи, меѓу кои и намалување на бројот на медиумски работници и медиуми од малите средини. Зголемувањето на корупцијата во локалното опкружување и ред други негативности“, додава Мимидиноски и укажува дека е можно и зголемување и на дезинформациите и лажните вести.
Facebook Forum