Лажните дојави за бомби во средните училишта во Скопје во последно време, се дел од т.н. хибридни закани, кои се добро испланирани и организирани, со оглед на нивната зачестеност, тајминг и начин на извршување, вели за Гласот на Америка, универзитетскиот професор по безбедност и меѓународен тероризам, Ице Илиевски.
„Тука не ја исклучуваме можноста Македонија да е дел од тој бран на закани со лажни дојави на бомби што го зафати регионот, а пример имавме во Србија, Црна Гора, Косово и други држави“, вели тој.
Карактеристично за хибридните закани е што во нив можат да бидат вклучени државни и не државни актери за остварување на одредени цели. Дојавите за бомби се само еден дел од таа дестабилизирачка тактика, која е насочена кон одредена држава, вели тој.
„Психолошко-пропагандната димензија има сериозно влијание кај поделбата на општеството, недовербата на институциите, и придонесува за дефокусирање од носење на одредени важни политички одлуки. Најглавното е предизвикување страв и несигурност кај наслението. Тоа беше постигнато со последните случувања во нашата држава, и неслучајно се избрани училиштата како таргет“.
Професорот по кривично право Стефан Буџакоски, гледа друга позадина во сето ова.
„Специфично е тоа што политичките партии во политичките игри веќе почнаа да ги користат тие хибридни средства и методи во нивното дејствување заради постигнување на нивните цели“.
Во периодот што следи ваквите хибридни закани, со различни форми и со различен интензитет, ќе бидат сè почести имајќи ја во предвид нашата европска агендаИце Илиевски, Универзитетски професор
Експертите бараат да се преземат мерки за побрзо расчистување на ваквите појави и лоцирање на адресите од каде се испратени пораките.
„Имаме во МВР специјален одел кој се занимава со компјутерски криминал, односно детектирање на вакви дејствија од поединци. Мое мислење е дека и тука и во Србија е политичка игра, односно интерес на одредени групи на луѓе. И малку е сомнително зошто тоа до сега не е откриено“.
Илиевски вели дека е тешко да се открие и докаже кој стои зад ваквите хибридни закани.
„Најчесто ваквите напади се извршуваат од одредени центри, кои се надвор од државата што им е таргетирана за напад. Но од каде доаѓаат можеме само да претпоставуваме, во однос на мотивот на актуелните политички и безбедносни случувања. Во периодот што следи ваквите хибридни закани, со различни форми и со различен интензитет, ќе бидат сè почести имајќи ја во предвид нашата европска агенда“.
Тој смета дека ваквите лажни дојави на бомби ја наметнуваат потребата, безбедносните служби да го зголемат нивото на подготвеност, меѓународна соработка и размена на информации.
Facebook Forum