Линкови за пристапност

Ингрид Омахна: Дезинформациите се симптом за пукнатините во општествата на Западен Балкан


Проблемот е што поголемиот дел од општеството е (медиумски) неписмено, вели Ингрид Омахна од словенечкиот Центар за европска перспектива
Проблемот е што поголемиот дел од општеството е (медиумски) неписмено, вели Ингрид Омахна од словенечкиот Центар за европска перспектива

Дезинформациите не се причина, дезинформациите се симптом за пукнатините во општествата на Западен Балкан. Поради политичките грешки од минатото, нема доверба во владите, вели Ингрид Омахна од Центарот за европска перспектива од Словенија

Неопходно е да се изгради довербата на јавноста кон институциите, која се урнала поради грешките во минатото, вели Ингрид Омахна, раководителка на програма во Центарот за европска перспектива (CEP) во Словенија, во разговор за Гласот на Америка.

„Првиот проблем е немањето доверба, којашто треба да биде одново воспоставена. Возобновувањето на оваа доверба, (опадната) поради грешките во минатото, е вистинскиот предизвик“, вели Омахна за детектираните слабости со дезинформациите пласирани од политичките актери во земјава.

Таа воедно дава и оценка за состојбите со дезинформациите на подрачјето на цел Западен Балкан.

„Дезинформациите не се причина, дезинформациите се симптом за пукнатините во општествата на Западен Балкан. Поради политичките грешки од минатото, нема доверба во владите. Проблемот е што владите тука имаат тешкотии да воспостават механизам или акциски планови за борба против дезинформациите“, истакнува Омахна.

Таа посочува на проблеми и во медиумскиот простор.

„Сите знаеме дека состојбата со медиумите во регионот е голем проблем. Нема транспарентност за сопствеништвото, нема транспарентност за финансирањето (на медиумите)“, вели Омахна.

Проблемот е што поголемиот дел од општеството е (медиумски) неписмено. Проблемот е што кај медиумите има (медиумска) неписменост

Меѓу постапките што треба да се направат за да се врати довербата во информациите што потекнуваат од институциите, Омахна ја посочува транспарентноста, за која вели дека треба да биде обврска на владините институции во комуникациите со јавноста. Сепак, ја нагласува и потребата од градење здрава медиумска писменост.

„Проблемот е што поголемиот дел од општеството е (медиумски) неписмено. Проблемот е што кај медиумите има (медиумска) неписменост. Така што, верувам дека тие се областите на коишто мора да се работи“, заклучува Омахна од Центарот за европска перспектива (CEP) од Словенија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG