Линкови за пристапност

Обама: Имиграциона реформа за целата земја


Во Белата куќа, претседателот Обама зборуваше пред 24-ца членови на армијата на церемонија при добивање државјанство.

Американскиот претседател прашањето за земање во работа на имиграционата реформа го покрена во време кога гувернерката на Аризона потпиша контроверзен закон според кој локалната полиција може да ги прашува луѓето за нивниот имиграционен статус доколку постои сомневање дека лицата би можело да се илегалци.

Во Белата куќа, претседателот Обама зборуваше пред 24-ца членови на армијата на церемонија при добивање државјанство.

Тој рече дека му е чест да им служи како Врховен командант, но ја искористи приликата да го поттикне Конгресот да ја усвои имиграционата реформа што треба да се справи со 11-те милиони илегални имигранти во земјата.

„Ако не реагираме одговорно на федерално ниво, тоа ќе отвори врата за неодговорност на други. Овде посочувам на примерот на Аризона, што носи опасност да ги загрози основните начела на фер постапување со кои ние, како Американци, се гордееме, но и довербата меѓу полицијата и граѓаните, што е клучно за нашата безбедност“, рече Обама.

Гувернерката Џен Бруер го потпиша законот во петокот. Сега полицајците можат да испрашуваат лица ако имаат причина да веруваат дека се илегални имигранти.

Законот носи и обврска имигрантите во секое време да имаат кај себе документи. Законодавецот Расел Пирс беше спонзор на мерката. Тој е задоволен. Вели дека тоа ќе ја елиминира политиката на фаќање и пуштање, и залудната работа на спроведувачите на законот.

Но противниците се лути. Тие велат дека се работи за луѓе со латиноамериканско потекло, за Мексиканци, и дека на мета се луѓе со специфичен изглед.

Гувернерката уверува дека полицијата нема да прави расно профилирање. Имиграционите активисти не веруваат и најавуваат судска постапка. Претседателот побара администрацијата да утврди дали законот ги крши граѓанските права.

Во меѓувреме, полицијата во Аризона прави рации. Само во една уапсила 47 лица поврзани со шверцување илегалци во земјата.

XS
SM
MD
LG