Линкови за пристапност

Последни подготовки на стадионите во Јужна Африка


Изминуваат последните денови пред почетокот на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка и работниците ги привршуваат последните подготовки на 10-те стадиони. Стадионите се завршени, тревата е поткосена, терените се одбележан - се` е подготвено за отварањето на првиот меч во Јоханесбург.

Јужноафриканците се возбудени дека се домаќини на Светско првенство во фудбал, за прв пат во Африка, а особено се горди на новите стадиони каде ќе се одиграат 64-те натпревари за време на едномесечниот Мундијал.

Владата потроши близу две милијарди долари за изградба на пет нови стадиони, вклучувајќи и еден во југоисточниот град Дурбан.

Фудбалскиот обожувател Нкосинати Велингтон го посети новиот стадион со 70.000 седишта, при неодамнешниот пријателски натпревар меѓу Јужна Африка и Зимбабве:

„Стадионот е извонреден за светското првенство во 2010-та, за големите натпревари“.

Кејптаун на јужниот брег на Атлантикот, изгради нов стадион со исто толкав капацитет, 70.000 места, а во позадина се гледа затворот од времето на апартхејдот на островот Робен од една страна и планината Table Mount од друга страна. Овде ќе се играат осум натпревари.

Нови стадиони се изградени и во помали градови, како Полокване и Нелспруит.

Сепак, главниот стадион на Светското првенство е во Јоханесбург, Фудбалскиот град во близина на Совето, со капацитет од 90.000 седишта. На него ќе се играат осум натпревари, вклучувајќи ги и оние на отварањето и финалето на Мундијалот.

Селекторот на Аргентина, Диего Марадона, изврши обиколка на стадионите. Рече дека е импресиониран:

„Овој стадион многу значи. Прекрасен е. Вакви стадиони има само на неколку места во светот“.

Јужноафриканците се радуваат на новите фудбалски храмови, но и се надеваат дека странските навивачи ќе најдат време да посетат и и други туристички атракции и да ја доживеат топлината од гостопримството на Јужна Африка.

XS
SM
MD
LG