Американскиот специјален пратеник за Авганистан и Пакистан во понеделник кажа дека САД ќе го претстават својот транзиционен план за Авганистан на НАТО самитот во Лисабон подоцна неделава.
Француска новинска агенција известува дека Ричард Холбрук вели оти самитот во главниот град на Португалија ќе биде пресвртна точка во американската политика во Авганистан.
Холбрук нагласи дека американската борбена мисија ќе заврши до 2014, но повлекувањето на трупите ќе започне следната година во јули.
Во меѓувреме, јавното несогласување меѓу авганистанскиот претседател и командантот на американските и НАТО силите во Авганистан беше публикувано во водечки американски весник.
Вашингтон Пост вели дека генералот Дејвид Петреус изразил „чудење и разочарување“ заради коментарите на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи искажани во интервју во саботата во вашингтонскиот весник.
Карзаи за Вашингтон Пост рече дека сака САД да ја намалат видливоста и интензитетот на својата армиска операција во Авганистан. Авганистанскиот претседател исто така рече дека сака САД да престанат со ноќни напади за кои вели дека ги вознемируваат Авганистанците и може да поттикне некои луѓе да се приклучат на талебанското бунтовништво.
Весникот вели дека на средба во неделата со авганистански претставници Петреус направил „хипотетички“ референци на невозможноста да се продолжи со американските операции во светлина на забелешките на Карзаи.
Странски дипломат во Кабул за Вашингтон Пост кажа дека забелешките на претседателот нанеле штета не само на трудот на Петреус, туку и на напорите на меѓународната заедница.
Но авганистански претставник за весникот кажа дека е „категорично погрешно“ да се интерпретираат забелешките на Карзаи како „гласање недоверба на генералот Петреус“. Официјалниот претставник рече дека има многу области на „заеднички интереси и цели“.