Линкови за пристапност

Светското првенство се очекува да ја поттикне економијата во Јужна Африка


Организаторите на престојното фудбалско првенство во Јужна Африка се надеваат дека настанот ќе и` помогне на економијата во земјата, особено за пораст на туризмот. Но на неодамнешна конвенција во Дурбан, некои туристички агенции го тврдеа спротивното.

Фудбалот беше на ум на сите на туристичката конвенција што се одржа во Дурбан. Организаторите очекуваат Светското првенство да донесе 10 милиони туристи повеќе годинава, а стотиците илјади фудбалски обожаватели да влеат речиси две милијарди во економијата и да креираат брјни нови работни места.

Според туристичкиот работник Сијанда Монамби, аранжманите за време на Мундијалот бележат пораст од 45 проценти:„Многумина сакаат да се запознаат со јужноафриканската култура. Тоа е едно од најчестите барања. Сакаат да ги видат нашите виногради, или пак танците Зулу, на пример“.

Но, не сите се задоволни. Лорен Ратерфорд од туристичката агенција Nomad Adventure тврди дека зголемените цени на авионските билети наштетиле на нејзините сафари-тури со кампувања:

„Луѓето кои имаат ограничен буџет за вакви патувања решија да не дојдат, бидејќи не сакаат да потрошат двапати повеќе од нашите цени само на авионски билети“.

Па сепак, Ратерфорд, како и повеќето туристички оператори, верува дека Светското првенство долгорочно ќе и` помогне на економијата:

„Добро е за Африка. Што поголем публицитет за Јужна Африка, тоа подобро. Туризмот креира и работни места и тоа е клучот на се`“.

Јужноамериканската влада вложи 12 милијарди долари во инфраструктурата за Светското првенство. Дали влогот бил добар или не, ќе се дознава од утре- па натака, кога и официјално започнува фестивалот на најважната споредна работа на светот.

XS
SM
MD
LG