Линкови за пристапност

Повеќе од игра: светското првенство во Јужна Африка и социјалната кохезија


Јужна Африка мина долг пат исполнет со предизвици пред да стане домаќин на Светското фудбалско првенство. За 45-милионското население на земјата настанот претставува огромна гордост и нашироко се смета за важен чекор во изградбата на земјата по децении на репресија и нееднаквост.

Пред шест години, изборот падна на Јужна Африка да биде домаќин на Мундијалот - првата африканска држава која добила ваква чест. Првиот нејзин претседател по укинувањето на апартхејдот Нелсон Мандела интензивно лобираше за оваа цел, гледајќи на настанот како на начин за натамошно помирување по долгогодишната расна поделеност и конфликт.

Јужна Африка се кандидираше и за домаќин во 2006-та, но загуби за само еден глас од Германија. Дени Џордан раководи со националниот Организационен комитет:

„Патот беше тежок. Прво, да ги убедиме луѓето дека треба да не` сметаат за сериозен кандидат. Потоа, од Германија загубивме за само еден глас. Дури потоа светот како да почна да размислува дека вреди да ја додели довербата на Јужна Африка“.

Џордан коментира, првенството за Јужна Африка е нешто повеќе од организација на турнирот:

„Светскиот куп ги удри темелите, почна да служи како лепак за сплотување на нацијата. Градењето на оваа нација и социјалната кохезија се важен резултат за нас“.

Првенството во наследство ќе остави и нова инфраструктура што само ќе ја зајакне економската иднина на Јужна Африка.

XS
SM
MD
LG