СКОПЈЕ – Поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби од денес и официјално стана бегалец од правдата и се бара со меѓународна потерница. На барање на Обвинителството, на веб сајтот на МВР од утрово осамнаа меѓународните потерници за Артан Груби и екс директорот на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами.
Скопскиот Кривичен суд вчеравечер им одреди триесет дневен притвор на Груби и на Бајрами кои не се наоѓаат во државата. Груби во саботата замина во Косово додека Бајрами неколку месеци не се наоѓа во државата а тоа го потврди и неговиот адвокат Антонио Апостолски.
Денес почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику сопственик на ланецот продавници „Нептун“ и еден од сопствениците на трговскиот центар „Ист гејт“, е повикан на информативен разговор во полициската станица карпош во Скопје. Токму Папранику, со возило со дипломатски таблички во саботата го пренесе Груби во Косов а Груби, според неофицијални информации, на излез од државата приложил албанска патна исправа.
Дали во саботата Груби бил на т.н. „СТОП листа“ засега не е познато.
Пратеникот од редовите на ДУИ и организационен секретар на партијата Блерим Беџети, истакна дека Груби веќе не е дел од партијата и го повика да се врати во државата.
„ Артан Груби јавно го повикувам, во име на партијата и во мое лично име, да се пријави пред органите на правдата, за да се соочи. Значи, станува збор за случајот со Државна лотарија, а не за црната листа на САД, тоа е нешто друго. Како секој граѓанин, и како носител на јавна функција, ако е чист како што кажува или пак прекршил закон, тоа треба се констатира во органите. Се надевам дека поскоро ќе се соочи, тој, и многу други“изјави Беџети и додаде дека ДУИ ги почитува, ги прифаќа и има сериозен пристап кон одлуките на Стејт Департментот за црната листа.
Истрагата за криминалот во „Државна лотарија“ тежок 501 милион денари или над 8 милиони евра опфати шест лица а МВР поднесе кривични пријави против осуммина вклучувајќи ги и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски.