„За мене, најголем предизвик како професионален музичар беше промовирање на класичната музика на хармоника во мојата земја, каде хармониката е позната како инструмент за изведување на традиционална, народна музика. Патот до успехот беше трнлив и неизвесен, со многу пречки, негирања и жртвувања..., но со голема упорност и женска издржливост, успевам“, вели во едно од интервјуата, професорката по класична хармоника Зорица Каракутовска, чија долгогодишна успешна кариера, како уметник и професор, ја потенцираа и двете нови изданија во САД.
„Пријатно ме изненади пораката на Фејсбук, од уредничката на енциклопедијата што ја изготвиле американски музиколози, а која се однесува на најдобрите светски современи хармоникаши. За кратко време, енциклопедијата била издадена и дел од колегите почнаа да постираат фотографии на социјалните мрежи. Дури тогаш сфатив дека сум застапена во енциклопедијата ‘Accordion and World’s Best Contemporary Аccordionists’, во издание на ‘Times Square Press’, од Њујорк. Иако знам дека сум дел од светски познатите професори и изведувачи на хармоника, потврдата од американските музиколози и моето вбројување во енциклопедијата, кај мене побуди радост и задоволство. А, особено бев горда поради тоа што сметам дека со спомнувањето на моето име, се оддава почит и кон македонската школа за класична хармоника чиј основоположик сум“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, професорката Каракутовска.
„Очигледно дека ова издание предизвикало големо внимание во светот на хармониката, и кога издавачите виделе дека постои голем интерес за продажба на енциклопедијата, решиле да издадат и книга со наслов ‘From the Shadow of an Accordion to Eternity. Talking to Accordionists worth listening to’. Оваа мега-книга од 722 страници се најавува како ‘Авторитативна, сеопфатна и информативна книга за најдобрите хармоникаши на светот. Стотици интервјуа со живите легенди и најважните хармоникаши на модерното време’. Се надевам дека со интервјуто кое го дадов за вторава книга, успеав поблиску да им се претставам на луѓето кои слушнале за мене, но не ме познаваат лично“, ни изјави Каракутовска.
Професорката Каракутовска (1975, Струмица), почнала да свири хармоника на осумгодишна возраст, а по завршувањето на основното и средното музичко училиште, дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Војин Васовиќ. Педагошката кариера ја започнува во 1995 година, во Државниот музички балетски училишен центар „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, од 2002 година е професор по хармоника и камерна музика на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а од 2012 година и редовен професор.
Благодарна сум што во животот имав можност да учам од луѓе со големо искуство. Најважната лекција од областа на музиката е дека само талентот не е доволен за да се постигне успех и дека зад секој голем успех стои макотрпна и сериозна работа.Зорица Каракутовска, професорка по класична хармоника
Претседател е на Македонската асоцијација на хармоникаши „Љубители на класична музика“, која од 2001 година е дел од Светската унија на хармоникашите (Confédération Internationale des Accordéonistes – CIA), членката на Меѓународниот музички совет на УНЕСКО. Поради континуираните успеси во светот на хармониката, македонското здружение има највисок статус во ЦИА (Premiere Voting Member). Каракутовска била и членка на музичкиот комитет на ЦИА (2006–2010), членка на Извршниот одбор на Здружението на музички и балетски педагози и членка на Националниот ансамбл на традиционалните народни танци и песни „Танец“, а актуелна членка е на Извршниот одбор на Сојузот на музички уметници во Северна Македонија.
Нејзините ученици и студенти имаат освоено над 400 престижни награди на бројни национални и меѓународни натпревари и редовно настапуваат на концерти и разни манифестации во Македонија и низ светот. За извонредните достигнувања во музичкото образование и културата во текот на успешната кариера и педагошка активност, Каракутовска освоила бројни награди и почести, како и наградата „13-ти Ноември“ на Град Скопје и наградата за повеќегодишни успешни остварувања од областа на музичката педагогија, доделена од Музичките и балетски педагози на Македонија, но секако, најважно принзнание е најпрестижната награда во светот на хармониката – „CIA Merit Award“, за придонесот во меѓународното движење на хармоникаши, доделена во 2017,
„Со доделувањето на оваа награда, Светската унија на хармоникашите ми оддаде признание за мојата досегашна работа и ме вброи во елитата на светски професори и изведувачи на хармоника, заедно со Вјачеслав Семјонов, Фридрих Липс, Владимир Зубицки, Јури Шишкин, Мика Ваиринен...“, вели Каракутовска
За своите активности околу „Олимпијадата за хармoника“ и традиционалниот Свечен концерт по повод Светскиот ден на хармониката, Каракутовска ни изјави: „Светската унија на хармоникашите е организатор на најголемиот и најпрестижен светски натпревар за хармоника ‘Coupe Mondiale’ што секоја година се одржува во различна земја од светот. Оваа година, 72. Светски куп се одржа во Шенжен, Кина. Претставниците на Македонија редовно освојуваат високи резултати на оваа своевидна ‘Олимпијада за хармоника’, а два пати досега беа пласирани на првите три места.... Во 2009-тата, Светската унија на хармоникашите донесе одлука 6 Мај да го прогласи за Ден на хармониката, бидејќи на тој датум во 1829 година е патентирана првата хармоника. Нашето здружение се приклучи кон меѓународниот проект ‘World Аccordion day’, годинава по 11-ти пат организираше Свечен концерт по тој повод и горди сме што оваа манифестација во Македонија прерасна во своевиден бренд и секогаш се бара билет повеќе“, вели Каракутовска
Таа потенцира дека поради важноста подмладокот и на образованието на младите на растот и развојот на академското изучување на некој инструмент, пред осум години е покренат и Фестивал на млади хармоникаши, на кој учествуваат ученици од основните и средни музички училишта од Македонија.
А на прашањето од разговорот за американската книга интервјуа со „живите легенди и најважните хармоникаши на модерното време“, за најважната лекција што ја научила или за исклучителното искуство што го стекнала во нејзината долга кариера, соговорничката на Гласот на Америка, одговорила:
„Благодарна сум што во животот имав можност да учам од луѓе со големо искуство. Најважната лекција од областа на музиката е дека само талентот не е доволен за да се постигне успех и дека зад секој голем успех стои макотрпна и сериозна работа. Јас се обидувам да ја пренесам оваа лекција на моите ученици и студенти. Често им велам дека можат да научат нешто од секого - од некого како треба и од некого - како не треба да се постапува во животот“.
Facebook Forum