Овие избори во САД се важни не само за американските граѓани и глобалните случувања, туку и за регионот. Аналитичарот Петар Арсовски вели дека забрзувањето или забавувањето на евроинтеграциите ќе зависи од тоа кој ќе победи на изборите.
„Македонија може по таа основа да направи некаков исчекор, зависно од тоа кој ќе победи на изборите во САД. Македонија не може многу да направи да влијае на изборите, ниту пак драматично да го менува курсот. Во моментот мислам дека еквидистанцата е вистинско решение, но секако во зависност од тоа кој ќе победи притисокот за евроатланските интеграции ќе се зголеми или намали“.
Арсовски не очекува надворешната политика на САД драматично да се промени, без оглед кој ќе дојде во Белата куќа. За американската надворешна политика, вели тој, може да е предизвик менаџирањето на меѓународните кризи во дадено време.
„Во таа смисла надворешната политика на САД ќе биде реактивна, барем во наредните година дена, наместо проактивна. Тие ќе реагираат на светските настани, а нема да ги предизвикуваат или да влијаат на нив проактивно“.
Таков однос тој очекува и кон Балканот.
„Најголемата разлика меѓу Камала Харис и Доналд Трамп на Балканот е нивниот однос кон (Виктор) Орбан и неговото влијание на регионалните процеси, со тоа што Трамп има попозитивно мислење и го смета за стратешки сојузник, додека Камала Харис има понегативно мислење и мислам ќе се јави некаков антагонизам доколку таа дојде на челната позиција“.
Инаку, американските државјани кои живеат и работат во Северна Македонија ќе имаат можност да гласаат. Но за разлика од изборите во други држави, кога нивните амбасади во странство се места каде дијаспората може да гласа, амбасадите на САД не се избирачки места,велат од Амбасадата во Скопје за Гласот на Америка.
„Ние само го олеснуваме гласањето во отсуство“, велат од амбасадата. Покрај обезбедувањето информации, граѓаните на САД кои избираат да гласаат по пошта може да ги остават своите гласачки ливчиња во Амбасадата на САД и ние ќе ги испратиме во Соединетите држави преку дипломатска пошта“.
Од Амбасадата на САД, велат дека тие не водат никаков избирачки список.
„Граѓаните на САД директно комуницираат со нивната државна или канцеларија за локални избори за да се регистрираат, да побараат гласачко ливче и да гласаат“, се вели во одговорот од Амбасадата на САД во Скопје.