СКОПЈЕ – Вината е кај советници од редовите на ВМРО – ДПМНЕ а не кај мене. Вака градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се обиде да објасни зошто градот се соочува со низ проблеми а незадоволството кај граѓаните е сè поголемо. Арсовска обвини дека програмата зад која застанала и ВМРО – ДПМНЕ не може да ја спроведе поради опструкции од партијата кои почнале со „рачињата во медот“. Решение на повидок засега нема а не се знае ниту како ќе функционираат ЈСП и „Комунална хигиена“ кои се пред колапс.
Арсовска не сакаше да прифати одговорност за ништо, туку прстот упорно го вперуваше во Советот на Град Скопје, бидејќи советниците не ги гласаат годишните програми и планови. Како примери ги посочи планот за работа на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, програмите за животна средина и за сообраќај, кои седум месеци не добиваат зелено светло. Без нив, вели таа, претпријатијата ниту може ниту смеат да работат.
„Град Скопје не може ништо да исполни додека 45 советници не престанат да ги блокираат програмите што го прават со години. Владата треба да си го подмири долгот од 8 милиони евра кон ЈСП“, децидна е скопската градоначалничка.
Тврди дека беспотребно ја напаѓаат и бараат оставка и одговорност од неа, кога вината лежи на друго место. Порача дека сè зависи од одлуките на Советот на Град Скопје и дека таа законите не може да ги крши.
„ Зошто целата вина ја префрлате врз мене, да беше до мене до сега градот ќе беше среден, јас решенија имам од прв ден. Не можам јас да имплементрирам нешто за што утре ќе одам в затвор. Без овие програми за работа на јавните претпријатија не можете ништо да направите. Јас за нешто за што не сум виновна не прифаќам и нема да прифаќам вина. Тоа што ветив ќе го спроведев уште во 2022 ако советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги гласаа програмите и не ме блокираа“ – рече Арсовска.
Таа додаде дека во изборната кампања ништо не ветила сама туку на секој настап до неа стоеле советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои гарантирале за програмата и проектите, а сега ги кочат истите.
На барање на Владата Арсовска ќе изготви нови програми кои во четврток на седница на Советот на Град Скопје ќе бидат презентирани пред јавноста.
„Ќе изготвуваме нови предлози сè додека не им се допаднат во Владата“, порача Арсовска.
Арсовска вчера имаше средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но оцени дека оваа средба делувала повеќе како „политички циркус за добивање политички поени“.
На средбата која се одржа вчера во Владата а на која покрај премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, првиот што Арсовска го разреши и со чие разрешување почна отворениот судир со владејачката ВМРО – ДПМНЕ.
По завршување на состанокот се обрати само министерот Перински кој кажа дека очекуваат до крајот на неделата Арсовска да презентира план пред советниците во Град Скопје и доколку е можно Владата да помогне особено во делот со ЈП „Комунална хигиена“ и градскиот превоз пред почетокот на школската година.
Facebook Forum