Владејачката Републиканска партија на Ерменија индицираше дека ќе ја поддржи кандидатурата на опозициониот лидер Никол Пашинјан за привремен премиер. Парламентарното гласање за искажување доверба на Пашинјан е закажано за 8-ми мај.
Одлуката уследи по протестите кои го принудија поранешниот премиер Серж Саргсјан да поднесе оставка.
Републиканската партија претходно неделава ја блокираше кандидатурата на Пашинјан, по што демонстрантите се вратија на улиците.
Пашинјан денес повика на прекин на демонстрациите, бидејќи сите страни се согласиле да работат на изнаоѓање на политичко решение.
Заменик-претседателот на Републиканската партија, Ермен Ашотјан кажа дека неговата партија ќе ја поддржи кандидатурата на Пашинјан, ако тој освои најмалку третина од гласовите во Парламентот.
„Имаме два критериума за да му помогнеме на било кој кандидат: првиот е собирање на неопходниот број на потписи. Вториот е смирување на состојбата на улиците. Да не се блокираат раскрсниците, аеродромите итн. Сметаме дека лицето кое може да ги постигне критериумите е Никол Пашинјан. Ако пред 8-ми мај тој ги постигне овие два критериуми, како што самиот вети, ние ќе му помогнеме во изборот.“
Ако на 8 мај не биде избран премиер, Парламентот ќе биде распуштен и ќе се свикаат нови избори.
Протестите избија откако поранешниот премиер, Серж Саргсјан беше обвинет за непочитување на Уставот со цел да остане на власт. Протестите исто така се поттикнати од незадоволството поради сиромаштијата, корупцијата и лошото владеење во државата.
Facebook Forum