Линкови за пристапност

Почина влијателниот сенатор Арлин Спектер


Арлин Спектер (1930 - 2012)
Арлин Спектер (1930 - 2012)

Од републиканец - стана демократ, но ќе остане во сеќавање по тоа што даваше предност на грижите на избирачите пред партиските интереси.

Поранешниот американски сенатор Арлин Спектер почина од рак на возраст од 82 години. Републиканецот, кој потоа стана демократ, ја претставуваше Пенсилванија повеќе од 30 години и играше клучна улога во политичките битки за потврдување на номинации за Врховниот суд на САД.

За првпат стана сенатор како републиканец во 1980-та. Доби национален публицитет и го навлече гневот на републиканците поради стопирањето на номинацијата Роберт Борк, кого претседателот Роналд Реган го предложи во Врховниот суд во 1987-ма. Спектер одигра истакната улога и во номинацијата на Кларенс Томас од страна на претседателот Џорџ Буш - постариот, со жестоките прашања до Анита Хил на сенатскиот распит. Таа беше сведокот кој го обвини Томас за сексуално малтретирање.

Познат како припадник на умерената струја во Републиканската партија, која, пак, се` повеќе се вртеше кон десно за социјалните прашања, Спектер премина во Демократската партија во 2009-та. На изборите во 2010-та, загуби од демократ, кој пак на општите избори загуби од сегашниот републикански сенатор од Пенсилванија.

Пред да влезе во политиката, Спектер работеше како јавен обвинител во Филаделфија. Беше советник на Комисијата Ворен која го истражуваше атентатот врз претседателот Џон Кенеди.
XS
SM
MD
LG