Линкови за пристапност

Аризона поделена околу законот за имиграцијата


Надлежна федералната влада, или пак сојузната држава треба да ја преземе ситуацијата во свои раце?

Додека Врховниот суд на САД ги разгледува аргументите во случајот за контроверзниот имиграционен закон на Аризона, жителите на оваа сојузна држава се длабоко поделени околу прашањето.

Американската влада тврди дека имиграцијата е федерално прашање за кое сојузните држави не може да имаат одвоени закони. Оние кои го бранат законот возвраќаат дека е неопходен за да се обезбеди границата со Мексико, токму заради неуспехот на федералната влада да го стори тоа.

Откако пред две години Aризона го усвои законот, илјадници илегални имигранти ја напуштија сојузната држава. На протестите во Феникс многумина се жалеа дека сега полицијата може да цели на сите кои наликуваат дека се со латиноамериканско потекло, без оглед дали се легално во САД или пак американски државјани.

Даниел Ортега Јуниор е еден од адвокатите кој помогна законот да заврши пред Врховниот суд. Вели, законот „има потенцијал луѓето со одредена боја на кожата или косата, со одреден акцент, да се најдат под зголемена контрола“.

За Ортега, имиграцијата е исклучива надлежност на федералната влада.

Спротивно мисли главниот спонзор на законот, поранешниот пратеник во Сенатот на Аризона, Расел Пирс.

„Сојузните држави имаат неотуѓиви полициски овластувања. Никогаш не биле спречени да ги спроведуваат законите“, аргументира Пирс.

Одредени полицајци во Аризона се против законот, но шерифот на општината Марикопа Џо Арпаjо, кого активистите за граѓански права го обвинуваат дека прави расно профилирање, го брани.

„Ги спроведуваме законите за оружје, против дрога, против кражби на банки, тогаш зошто да биде различно и во овој случај?“, прашува Арпајо.

Меѓу граѓаните - најразлични мислења.

„Федералната влада требаше да се погрижи за ова, но не успеа и затоа треба да се реши на локално ниво“, истакнува една жена во мини-анкетата на Гласот на Америка.

„Аризона е мошне расистичка држава, да бидеме искрени, и не треба да има свој закон“, коментира друга жена.

„Доаѓам од Лос Анџелес, каде криминалот е надвор од контрола. Нивото на криминал во Феникс е мошне добро во моментов, благодарение на шерифот Џо“, вели еден младич.

XS
SM
MD
LG