Линкови за пристапност

Клинтон: Асад систематски го крши мировниот договор


Клинтон: Асад систематски го крши мировниот договор
Клинтон: Асад систематски го крши мировниот договор

Државната секретарка Хилари Клинтон кажа дека сирискиот претседател Башар ал-Асад „систематски“ ги кршел сите услови на мировниот план за неговата земја постигнат со медијаторство на Арапската лига. Во говор доцна во понеделникот таа рече дека САД поддржуваат демократска реформа на Блискиот исток без резерва.

Соработниците на Клинтон велат дека говорот на Клинтон јасно афирмирал дека иако САД имале тесни врски со соборени или во опасност од соборување владетели на Блискиот исток, сега се солидаризирани со сите во регионот што сакаат инклузивна демократија.

Зборувајќи во Националниот демократски институт во Вашингтон, Клинтон призна дека САД не секогаш притискале за реформа доволно силно, и често го поддржувале ставот дека поддршка на автократите на Блискиот исток е единствениот начин да се одбие екстремизмот.

Клинтон, зборувајќи пред публика во која имаше активисти за реформа од целиот регион, рече дека САД сега признаваат дека вистинскиот избор сега е „меѓу реформа и немири“.

„Вистината е дека најголем извор на нестабилност денеска не е барањето за промена, туку одбивањето на барањата за промена. Тоа секако е вистина во Сирија, каде задушувањето на мал број мирни демонстранти предизвика излегување на улиците на илјадници и преку границата. Тоа е вистина во Јемен, каде претседателот Али Абдула Салех потфрли на ветувањата за транзиција кон демократија и ги угнетуваше правата на својот народ и нивните слободи. А тоа е вистина и во Египет. “

Клинтон кажа дека доколку власта во Египет остане во раце на неколкумина неизбрани претставници, државата ќе пропушти историска шанса и ќе засади семе за идни немири.

Но таа го зачува најжестокото критикување за сирискиот претседател Башар ал-Асад, за кого кажа дека ја прекршил секоја одредба од мировниот план на Арапската лига што самиот го прифатил минатата недела за заштита на сириските граѓани.

„Тој систематски прекрши секој од бараните услови. Тој не ги ослободи уапсените. Не дозволи слободен пристап на новинари или на набљудувачи на Арапската лига. Не ги повлече сите вооружени сили од населените области. И секако не ги запре сите видови на насилство. Всушност, режимот го зголеми насилството против цивилите на места како градот Хомс. Сега, Асад може да ја одложи промената. Но, тој не може засекогаш да ги негира легитимните барања на неговиот народ.“

Клинтон го повтори повикот на Вашингтон за симнување од власт на сирискиот лидер и рече дека додека тој не замине САД и светската заедница ќе продолжат да вршат притисок на него и, како што рече „неговиот брутален режим“.

Државната секретарка го критикуваше и главниот дипломатски сојузник на Сирија, Иран, обвинувајќи ја тамошната влада за „невидена“ хипокризија со тврдењето дека ја поддржува демократијата во странство, додека сопствените мирни демонстранти ги убива на улиците на Техеран.

Клинтон кажа дека САД се подготвени да работат со избрани исламистички партии, меѓу другите работи ако тие го почитуваат законот, ги почитуваат правата на жените и малцинствите и ако се откажат од власта доколку се поразени со гласање.

Клинтон исто така изрази нетрпение за застоените напори да се оживеат мировните преговори меѓу Израел и Палестинците. Таа кажа дека е кусогледо да се верува дека која било од страните едноставно ќе го остави миротворството на страна додека сегашното востание не заврши. Таа рече дека застојот во арапско-израелскиот конфликт е уште еден status quo на Блискиот исток што не е одржливо.

XS
SM
MD
LG