Линкови за пристапност

Македонци добитници на награда за апликација на Светската банка


Македонци добитници на награда за апликација на Светската банка
Македонци добитници на награда за апликација на Светската банка

Преку електронско гласање на публиката, трудот на екипа од Универзитетот ФОН е издвоен меѓу 107 пријави

Информираните луѓе го прават светот подобар. Ова верување го поттикнало асистентот на Универзитетот ФОН од Скопје, Ѓорѓи Какашевски, и шестмина негови студенти да развијат интернет-услуга што базата на податоци на Светската банка ја прави попристапна до широката јавност.


„Главната цел ни е да ги информираме луѓето, пред се` студентите за состојбата во светот“ вели Какашевски.


Трудот беше високо оценет од страна на публиката, која преку електронско гласање оваа апликација ја стави меѓу добитниците на наградата на Светската банка во конкурсот „Апликација за развој“.


Во четвртокот во Вашингтон таа награда им беше и официјално доделена.
За Гласот на америка на македонски Какашевски кажа дека наградата многу значи за неговите студенти, за него самиот и за универзитетот, бидејќи е награда за труд што на публиката и` се допаднал најмногу.


„Публиката преку сајтот на Светската банка можеше да ги оценува апликациите“, објаснува Какашевски.


Игор Мешев е еден членовите на тимот што работеле со него. Тој ни рече: „Оваа за нас значи многу, зашто добивме една од 5-те награди доделени овде“.


За значењето на глобалната достапност на информации на настанот зборуваше и директорот на Светската банка Роберт Зелик:


„Една од нашите цели е да ја направиме нашата база на податоци попристапна и повредна за истражувачите. Бевме заинтригирани што ќе се случи ако ги отвориме информациите за софтвер-инженерите“, рече Зелик.


На овој прв конкурс на Светската банка за развој на дигитални апликации за поголема пристапност кон базата на податоци на институцијата, првата награда ја добија претставниците на Aвстралија за апликацијата која статистички ги споредува податоците за развој. На конкурсот беа пријавени 107 апликации, од 36 земји од светот.
Какашевски и неговиот тим велат дека ова е само почеток. Планираат да го усовршат нивниот сервис со додавање повеќе јазици и податоци, за што наградата е добар поттик.

XS
SM
MD
LG