Линкови за пристапност

Дали Епл треба да дозволи „отклучување“ на нивни телефон?


Резултатот од конфликтот меѓу компанијата Епл и ФБИ може да биде важен преседан

Основачот на Микрософт, Бил Гејтс, е еден од ретките раководители на високо технолошка компанија, кој ја поддржува владата на САД во врска со судирот со Епл. Имено, компанијата која го произведува Ајфон-от одбива да соработува со иследниците на ФБИ за пристап до кодираните податоци во паметниот телефон употребуван од страна на двајцата терористи од Сан Бернардино, Калифорнија, кои убија 14 лица во декември.

Информациите би можеле да доведат до одгатнување на други можни терористички заговори.

Американците ја ценат својата приватност, но, многумина ѝ даваат приоритет на националната безбедност.

Извршниот директор на Епл, Тим Кук, вели дека во постапувањето по барањата на ФБИ ќе ги направи телефоните на неговата компанија поранливи за хакерите.

Основачот на Фејсбук, Марк Зукенберг, се изјасни дека не мисли оти воведување на можност за влегување во телефоните ќе помогне за поголема безбедност. Тој исто така верува дека „отклучувањето“ на телефоните не е согласно на насоката во која светот се движи.

Но, основачот на Микрософт, Бил Гејтс, вели дека отклучувањето на телефонот користен од страна на терористичкиот брачен пар не мора да значи „мала врата“ за злоупотреба на приватноста на сите други, обични, граѓани.

За весникот „Фајненшал тајмс“ тој изјави дека владата би можела да поднесе исто такво барање до банка или до телекомуникациска компанија.

„Прашањето е едноставно: дали гласачите сакаат владата да има можност во некој случај, каков било случај, да може да добие од некоја компанија информација што и` треба?“, кажа Гејтс.

Тој смета дека владата и технолошките компании мораат да најдат начин да ја заштитат граѓанската безбедност, но и приватноста на граѓаните.

Гејтс и многу други предвидуваат дека овој случај може да заврши пред Врховниот суд. Исходот внимателно се следи од целиот свет бидејќи ова е дилема за многу други држави.

XS
SM
MD
LG