Линкови за пристапност

Домот – како музеј


Домот – како музеј
Домот – како музеј

Експертите претпоставуваат дека преку 50 проценти од околу 6.000 локалитети во Македонија се уништени од диви копачи

Домот на прилепскиот бизнисмен Петар Макески изгледал како музеј… се` до пред неколку дена, кога со помош на полицијата беа изнесени скулптури, мермерни постаменти и други скапоцени артефакти, сведоштво на богатата историја на Македонија кои, како што тврдат властите, нелегално ги поседувал.

„Има и една статуа. Ваквите артефакти биле чест прилог на богати храмови, гимназиони како што е тој кај Стибера“, вели Звонимир Николоски од Управата за заштита на културното наследство.

Според полицијата, Макески е дел од синџирот за пустошење на македонското кулурно наследство, и заедно со уште дваесетина други бизнисмени, локални функционери, директори и полицајци, заработувале милионски суми од продажбата на државното богатство.

Полициската акција Фаланга откри фрапантни сознанија за кражбата на македонската почва: три илјади монети собирани со години, грижливо чувани и хронолошки наредени во специјални сефови, 160 парчиња накит во хронолошка рамка, од 8 век пне па се` до 12 век од не, 20 фигурички, меѓу кои и втората Менада - по тетовската ископана во Македонија, како и крилестото коњче, за кое истрагата допрва ќе открие дали се работи за истото што веќе се нуди во каталогот на светски познатата аукциска куќа Сотби.

„Во нивните домови биле пронајдени топографски карти и стручна литература во однос на полесна проценка за вредноста на предметите. Биле пронајдени и апарати, односно различни типови на детектори кои им помагале на дивите копачи во прецизно утврдување на локациите“, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Факт е дека никој приватно не смее да поседува вакви експонати, но исто така е факт дека Македонија нема закон за колекционерство и антикварници.

„Не е дефинирано. Немаме закон за антиквитети, за антикварници. Имаме антикварници доста низ градот, да видиме што се` тие можат да продаваат. Значи, немаме некои посебни правилници или закони каде што би се дефинирало дека одредени предмети можат да одат на пазарот, а други предмети не можат“, наведува Драги Несторовски, инспектор за културно наследство.

Експертите претпоставуваат дека преку 50 проценти од околу 6.000 локалитети во Македонија се уништени од диви копачи. Се работи за организирани групи од Скопје, Битола, Кавадарци, Штип, кои секој викенд со опрема заминуваат на различни локалитети, каде роварат без контрола. Но, и луѓето од фелата признаваат дека без археолози тоа не може да се прави, бидејќи шверцерите и крадците не знаат што од сето тоа е вредно. Шверцерските канали започнуваат од домовите на копачите, продолжуваат преку откупување од антикварници, и завршуваат со изнесување со специјални возила на странските пазари, главно во Италија, Австрија и Грција. Само две фигурини од последното полициско запленување, според проценките, вредат еден милион евра.

Откако ќе се отуѓат, Македонија многу тешко може да ги вратиНа Интернет може да се најдат многу страници на кои се нудат артефакти што потекнуваат од територијата на Македонија.

Архитектот Василка Димитровска како пример го посочува кратерот од Демир Капија, кој сега се наоѓа во приватна збирка во Њујорк.

„Кога артефатите се изнесуваат од нашата држава, не постои никаков доказ. А кога не постои никаков доказ, фото-документација или која и да друга визуелизација, ние немаме легитимно право да си ги бараме“, коментира Димитровска.

Нема точни податоци колку артефакти од македонските археолошки наоѓалишта се украдени и однесени во странство. Само минатата година биле откриени повеќе од 100 илјади артефакти од кои најстариот е од 4 век пред нашата ера. Музејот на Македонија засега е дом на 9.800 кои потекнуваат од 18 археолошки локалитети ширум Македонија. Во музејските витрини има стрели, керамички предмети, накит, надгробни плочи и посмртна ритуална опрема, оружје, садови - нешто што секој страствен колекционер од кој и да е дел од светот би сакал да го поседува.

XS
SM
MD
LG