Линкови за пристапност

Познавачи на економските и бизнис состојби: Владините антикризни мерки се добри, но недоволни


Можно е да има потреба и од дополнително зголемување или вклучување на уште некоја категорија граѓани за премостување на оваа криза, вели професорот Павле Гацов
Можно е да има потреба и од дополнително зголемување или вклучување на уште некоја категорија граѓани за премостување на оваа криза, вели професорот Павле Гацов

Државата да пристапи кон прибирање на повеќе давачки, од оние компании кои остваруваат екстра профити во овој период, за да им се помогне на оние со послаба ликвидност, смета професорот Павле Гацов

„Во текот на оваа година успеавме да обезбедиме пакет од 760 милиони евра, поддршка за најранливите категории на граѓани, но поддршка и за компаниите во државата. Субвенционираме 80% од цената на електричната енергија за граѓаните и за малите компании, кои вработуваат 98% од работниците во државата“.

Ова го изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека со овие антикризни мерки им се помагало на компаниите и граѓаните за одржување на нивната ликвидност.

Но, иако станува збор за обид да се помогне, овие мерки нема да бидат доволни вели професорот Павле Гацов.

„Се работи за поголеми суми на средства, што им требаат на граѓаните особено во онаа најсиромашна категорија, каде што е најтенко и каде што најлесно се кине. Можно е да има потреба и од дополнително зголемување или вклучување на уште некоја категорија граѓани за премостување на оваа криза. Треба да се внимава на пензионерите, можеби да се засили оној пакет кој е веќе најавен и се разбира на социјалата категорија и овде треба да има повисоки суми на помош“, истакнува Гацов.

И бизнисмените сметаат дека мерките ќе им бидат од корист, но оти се премалку во услови на светска криза.

„И влијанието нивно нема да биде така големо како што сакаат да го прикажат Владата и институциите во државата, затоа што сите други потребни елементи за да се добие готов производ, како суровини и други ресурси, не може Владата да ги контролира, бидејќи тие се од увоз“, укажува Мевмед Џемаилоски, сопственик на компанија.

Џемаилоски вели дека има повеќе начини како да му се помогне на бизнисот.

„Пред се во делот на увозот на суровните, може да се даде за некои од суровите кои се неопходно потребни, да се ослободат од давачките кон државата, царини, даноци, да се олеснат малку“, додава Џемаилоски.

Гацов предлага да се пристапи кон прибирање на повеќе давачки, од оние кои остваруваат екстра профити во овој период. Некои земји веќе го направиле тоа, а такво решение во регионот од 2023 година се предлага и во Хрватска.

„Овде мислам на финансиски институции, субјекти кои тргуваат со нафта. Владата ги знае сите. Тие не се непознати кои имаат екстра профити. Да се прибира од нив за да се помогне на оние кои имаат послаба ликвидност. Можеби се фармацевтските компании, лабораториите, приватните болници“, додава професорот Гацов.

Од бизнис секторот веат дека со ваква криза, се соочуваат за прв пат во нивното досегашно работење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG