Уште еден добро познат сенатор од Демократската партија се изјасни дека ќе гласа против нуклеарната спогодба со Иран, со што нејзиното усвојување во Конгресот стана уште понеизвесно.
Роберт Менендез верува дека спогодбата ќе му го остави на Иран „суштинскиот елемент на една голема нуклеарна инфраструктура“.
„Доколку Иран дојде до нуклеарно оружје, тоа ќе го нема моето име на него“, кажа синоќа Менендез. „Ќе гласам против спогодбата, и, доколку дојде до тоа, ќе гласам против ветото (на претседателот Барак Обама, н.з.)“, рече Менендез во обраќањето на Универзитетот Сетон хол во Њу Џерси.
Менендез смета дека претседателот Обама греши кога вели дека спогодбата перманентно ќе ја запре иранската нуклеарна програма, додавајќи дека Иран ги има прекршено сите предходни ветувања дека ќе се откаже од нуклеарните амбиции. Тој смета дека спогодбата не ја растура иранската нуклеарна инфраструктура, туку дека само ја намалува.
Минатиот месец, сенаторот Чак Шумер, третиот по ранг член на Демократската партија, најави дека ќе гласа против спогодбата и дека ќе се обиде да ги убеди и другите сенатори да го сторат истото.
Претседателот Обама вети дека ќе стави вето на евентуалната одлука на Конгресот да ја одбие спогодбата. Претставничкиот дом и Сенатот треба да гласаат по ова прашање наредниот месец. Се` уште не е јасно дали во Конгресот ќе има доволно гласови да се надгласа ветото.
Спогодбата којашто ја постигнаа Иран и петте постојани членки на советот за Безбедност (Британија, Кина, Франција, Русија и САД) плус Германија, налага властите во Техеран да го ограничат нуклеарниот процес на збогатување на ураниум до тој степен за да не може да создадат нуклеарно оружје, како и да ги отворат своите армиски постројки за меѓународна инспекција. Во замена за тоа, меѓународната заедница би ги олеснила санкциите против Иран.
Поддржувачите на договорот велат дека е најдобриот којшто можел да биде постигнат во овој момент. Противниците, а меѓу нив и Израел, тврдат дека Иран со него се` уште има можност да создаде нуклеарно оружје.