Меѓународниот мировен пратеник Кофи Анан се сретна со сирискиот претседател Башар ал-Асад во Дамаск со цел да издејствува прекин на огнот по судирот меѓу владините трупи и бунтовниците.
Портпаролката на ОН истакна дека во фокусот на разговорите биле мировниот план на Анан за Сирија во шест точки, како и убиството на најмалку 108 цивили минатиот петок.
Специјалниот мировен пратеник предочил дека планот нема да успее без промислени чекори за прекин на насилството и ослободување на затворениците, со акцент на важноста од целосна имплементација на предложените мерки.
Анан минатиот месец беше медијатор на прекин на огнот меѓу владините и бунтовничките сили, но напорите завршија безуспешно.
Како одговор на масакрот, најмалку девет држави им наредија на сириските дипломати да си заминат.
САД на највисокиот сириски дипломат во Вашингтон, вршителот на должноста амбасадор, Зухир Џабур му дадоа 72 часа да ја напушти земјата.
Во најновото насилство, сириските активисти за човекви права изјавија дека најмалку 19 лица загинале ширум Сирија во напади поврзани со востанието.
Портпаролката на ОН Сузан Гошех за Гласот на Америка изјави дека набљудувачите на светската организација во Хула се уште од саботата и разговараат со локалното население за инцидентот во петокот.
Сириската влада порекнува каква било вмешаност во убиството во Хула и ги обвинува „вооружените терористи“, за кои тврди дека го предводат 15-месечниот револт против претседателот Асад.