Линкови за пристапност

Анкета на Стопанската комора: Централната и локалната власт се главен извор на корупција


Стопанска комора на Република Северна Македонија
Стопанска комора на Република Северна Македонија

Власта, и централната и локалната, е главниот подмитувач во бизнисот – тоа го покажуваат резултатите од анкетата која ја спроведе Стопанската комора, најголемата организација на приватниот сектор во земјава. Истражувањето кое е изведено во март годинава опфаќа 138 компании и нивното мислењето и искуство со корупцијата за изминатата 2023 година.

„За 78 отсто од компаниите коруптивното барање дошло од централната власт, а за 22 процента, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска. Две третини од компаниите се соочиле индиркетно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Колку пари ви биле побарани? 51 процент рекле меѓу 1 000 и 10 000 евра, на 5 компании им било побарани и повеќе од 100 000 евра, а на јавни тендери на некои компании им биле побарани меѓу 6 и 10 проценти од вредноста на тендерот“, рече потпретседателот на Стопанска комора Зоран Јовановски.

Анкета покажала и дека 61 отсто од компаниите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 проценти барем еднаш. Од оние фирми кои не одговориле позитивно на коруптивно барање, 48 проценти рекле дека тоа се одразило на нивниот бизнис. Податоците исто така укажуваат на тоа дека кај дел од приватниот сектор е норамлно нешто да „се даде“ за да се добие профитабилна зделка. Оттука, 30 проценти од компаниите, пак, мислат дека ќе пропаднат ако не прифатат мито. Бизнисот дал интересни одговри и на прашањето зошто има корупција во Северна Македонија?

„Повеќето компании мислат дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. Вкупно 42 одговори од компаниите биле дека нема ефикасна заштита за оние што пријавуваат мито, а 23 одговори рекле дека се ниски платите на службениците во јавниот сектор, што, според приватниот сектор, е една од причините зошто има корупција“, вели Јовановски.

Огромен дел од приватниот сектор – повеќе од 80 проценти, смета дека корупцијата е еден од најголемите проблеми во земјата кој мора да се реши. Истовремено, 96 отсо од анкетираните компании веруваат дека е можен успех во борбатата со овој феномен и тоа преку зголемување на казните и поголема активност на надлежните институции, пред се обвинителството.

Новата влада која од вчера стапи на должност, во својата програма, напиша дека нејзин приоритет ќе биде безмислосна борба со корупцијата и казни за оние функционери кои ќе се огрешат. Во документот, меѓудругото, пишува и дека со закон ќе се намалат дискрециските овластувања на раководните лица во институциите, а ќе се изработи и програма за испитување и утврдување на потеклото на имот на судии, обвинители, политички функционери.

XS
SM
MD
LG