Линкови за пристапност

Анализа: Дали Анкара полека се врти кон Вашингтон?


Аналитичарите сметаат дека сè подлабоката инволвираност на Турција во конфликтот во Либија може да биде катализатор за рестартирање на односите со Соединетите Држави кои последниве години се затегнати поради разликите во регионалната политика и меѓусебната недоверба.

Во јануари Турција започна да испраќа воен персонал во Либија како поддршка на Владата базирана во Триполи која е под постојани напади од силите предводени од либискиот генерал Калифа Хафтар чие главно упориште е на истокот од земјата. Либиската национална армија на Хафтар ја има поддршката од Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати.

Воената интервенција на Анкара го насочи балансот на силите кои во полза на властите во Триполи со што армијата на Хафтар беше протерана од предградијата на престолнината. Силите поддржани од Турција сега се на пат да го освојат стратешки важниот град Сирт кој е клучен за контрола на енергетските ресурси на Либија.

Интервенцијата на Турција во Либија по се изгледа и помага на Анкара да најде заеднички јазик со Вашингтон.

Русија

„Соединетите Држави и Турција се на иста страна во однос на Либија“ вели Митхат Ренде, поранешен турски амбасадор во Катар кој сега работи како енергетски консултант насочен кон источниот Медитеран. „Распоредувањето на руски воени авиони во источниот дел на Либија ја вознемири американската страна во однос на руските намери, се надевам дека Турција и САД можат да работат заедно“ додава тој.

Москва официјално негира дека нуди воена поддршка за Хафтар, но извештај на Обединетите Нации од мај покажува дека приближно 1.200 руски платеници кои работат за Групацијата Вагнер го поддржуваат либискиот генерал. Групацијата Вагнер е приватна компанија за обезбедување со која раководи Евгениј Пригожин, бизнисмен за кој се верува дека има блиски релации со рускиот претседател Владимир Путин.

Уште од крајот на Втората светска војна Русија се обидува да ја стави Либија во својата сфера на влијание. Набљудувачите велат дека во моментов Москва сака да добие нови морнарички бази во Медитеранот, надвор од оние во Сирија.

„Турција е единствената сила која може да парира на морнаричкото присуство на Русија во источниот Медитеран“ вели Мехмет Огуцу од Лондонскиот енергетски клуб. „Турција повеќе се насочува кон Соединетите Држави поради што Русија веројатно не е среќна“ додава тој.

Во неделата воени авиони нападнаа воздухопловна база која неодамна беше заземена од силите на Владата во Триполи кои се поддржани од Турција. Базата претрпи значителни оштетувања, а Анкара сега ги надградува одбранбените механизми таму.

Конфликтот кој ескалира веројатно ќе помогне во напорите на Анкара да се приближи до Вашингтон, можеби и за сметка на се поблиските односи со Москва.

Турската армија

Една од причините, според аналитичарите, е ангажираност на турската армија до максималните можни капацитети.

„Турција во моментов е вклучена во воени операции во северен Ирак, три до четири операции во Сирија, како и во источниот Медитеран и во Либија“ вели професорот по меѓународни односи Илхан Узгел од Универзитетот во Анкара. „Поради капацитетот на армијата, на Турција и се потребни Соединетите Држави а не Русија за да ја одржи вклученоста на толку полиња“ додава тој.

Откако во 2016-та незадоволни генерали организираа неуспешен државен удар против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, турскиот лидер се повеќе се вртеше кон Москва, стратегија која според аналитичарите имаше за цел да ги вознемири турските сојузници во НАТО.

Турски официјални лица го обвинија Вашингтон за премолчена вмешаност во неуспешниот државен удар, нешто што беше изрично демантирано од Соединетите Држави.

Путин се обиде да ја искористи недовербата меѓу САД и Турција. Продажбата на ракетните системи S-400 од Русија на Турција дополнително ги влоши односите меѓу Вашингтон и Анкара што кулминираше со исклучувањето на Турција од американската програма за прикриени авиони F-35.

Вашингтон вели дека системот S-400 може да ја компромитира технологијата на F-35.

Недоверба

Разликите во регионалната политика поттикнуваат недоверба. Поддршката на Вашингтон за курдската милиција во Сирија во нивната борба против Исламска Држава ја налути Анкара која ги смета курдските сили за терористи кои се вмешани во деценискиот курдски спор во Турција.

Турција и Русија соработуваат со Иран за да стават крај на граѓанската војна во Сирија и покрај тоа што Москва го поддржува сирискиот претседател Башар Ал Асад, а Анкара ги поддржува сириските бунтовници.

„Тоа е привремен брак од интерес“ вели Огуцу од Лондонскиот енергетски клуб. „Иако односите меѓу Русија и Турција сега се добри, тензиите се високи во Сирија и во Либија“.

Растечките разлики ги покажува и откажувањето во последен момент на дипломатски состанок меѓу Русија и Турција кој минатиот месец требаше да се одржи во Истанбул а на кој требаше да се дискутираат Сирија и Либија.

Враќање кон Вашингтон?

Анкара сега испраќа сигнали дека е повторно подготвена да гледа кон Вашингтон.

Одложувањето на неодредено време на активирањето на ракетниот систем S-400 кој чини милијарди значеше избегнување на економски санкции со кои се заканија Соединетите Држави.

Минатиот месец Доналд Трамп го отстрани од функцијата Ричард Берман, федерален обвинител во Њујорк. Ова беше добро прифатено од Анкара зашто Берман беше главен обвинител во случајот против Халкбанк, банка во турска државна сопственост, за наводно прекршување на санкциите кон Иран.

Зголемената набавка на американски течен природен гас од страна на Турција веројатно ќе биде добро примена од Вашингтон.

„40% од нашиот гас доаѓа од САД, тие се на второ место, зад Шпанија. Се обидуваме да ја намалиме зависноста од руски гас на прифатливо ниво“ вели Огуцу.

Последните неколку месеци Ердоган полека ја напушти силната антиамериканска реторика која вообичаено ја користеше за мобилизирање на неговото, претежно исламистичко и националистичко, гласачко тело.

Парите исто така се силен поттик за омекнатиот однос на Анкара кон Вашингтон откако пандемијата на Ковид-19 силно ја удри и онака ослабената турска економија.

„За да ја одржи економијата, на Ердоган му треба финансиска помош“ вели Узгел, „Оваа година треба да се вратат доспеани долгови, туризмот е во пад како и насекаде, економијата е во сериозна неволја и на Ердоган му требаат пари. Не мислам дека тие ќе дојдат од Пекинг или од Москва. Соединетите Држави се единствената земја на која може да се потпре Владата на Ердоган“ заклучува тој.

XS
SM
MD
LG