Официјална Москва во континуитет се обидува да се меша во внатрешните одлуки не само на Северна Македонија, туку и на други земји од регионот. Вака аналитичари ја оценуваат последната изјава на портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која одлуката на македонските власти да ѝ донираат на Украина, 12 хеликоптери, ја нарече голема грешка.
„При тоа користејќи конвенционални и неконвенционални средства и методи. Изјавата на портпаролката на руското МНР е класична демонстрација на континуираните напори на Руската Федерација за мешање во внатрешното уредување на земјите од Западен Балкан и обид за влијание врз донесувањето на одлуките“, вели Елмас Хасановиќ, безбедносен аналитичар.
Хасановиќ вели дека во 2018-та година кога започнал процесот на ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, Амбасадорот на Руската Федерација изјавил дека при судир на Русија и НАТО, Македонија би била легитимна мета.
„Денес, после речиси пет години, го гледаме истиот наратив, со закани и заплашување да се влијае врз донесувањето на стратешките одлуки во други земји. Амбасадата на Руската Федерација во Стокхолм објави дека новите земји-членки на НАТО ‘ќе бидат легитимна цел на руските одмазднички мерки, вклучително и воени’“, посочува Хасановиќ.
Димитар Николовски од Евротинк вели дека земјава воопшто не треба да биде загрижена од критиките кои доаѓаат од Русија, бидејќи помошта е дел од нејзината меѓународна политика.
„Во однос на мешањето во внатрешната политика на нашата држава, Русија има многу поперфидни начини тоа да го прави и го прави преку т.н. трол фарми, преку социјални мрежи каде се обидуваат да го свртат јавното мислење во своја корист или преку директна поддршка кон локални партнери и чинители, дали се тоа некои организации кои делуваат кај нас или пак политички партии. И очекувам да се интензивира во наредниот период“, вели Димитар Николовски, извршен директор на „Евротинк“.
Хасановиќ, пак, додава:
„Тоа што може да се очекува од Русија во наредниот период е да се обиде под максимата на ‘православно-словенско братство’ да ги подгрее етничките тензии во Република Српска, Црна Гора и северот на Косово и на тој начин да се обиде да ги поткопа напорите на западните сојузници за градење на долгорочен мир и стабилност. Не треба да се исклучи можноста Русија да ја зајакне поддршката за про-Кремљ ориентираните политички партии и нивните лидери во земјите од Западен Балкан кои имаат сеционистички амбиции“.
Непосредно по руската реакција за македонската донација за Украина, телефонски разговараа, премиерот Димитар Ковачевски и генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Се сложиле дека силното и обединето сојузништво на Алијансата придонесува за заедничко надминување на предизвиците кои ги носи бруталната инвазија што Русија ја врши врз Украина, а била констатирана и важноста на консолидираниот пристап во сајбер безбедноста и справувањето со хибридните закани.
Николовски од Евротинк вели дека Северна Македонија пружа многу поголема поддршка од многу земји членки на НАТО и ЕУ.
„Затоа што сакаме да се покажеме особено во однос нашата европска интеграција. Мислам дека така ќе продолжи и понатаму иако нашите капацитети се толку и не верувам дека ќе можеме уште многу да даваме во однос на воена поддршка, но моја проценка дека тоа е некоја стратегија и на самото министерство за одбрана за обновување на својот арсенал што го има“, додава Николовски.
Хасановиќ, пак, посочува дека борбите кои моментално се водат околу Бахмут, покажуваат дека Русија е подготвена да води војна со жртвување на илјадници трупи за минимални придобивки.
„Од тие причини се работи за потребата од зголемување на индустрискиот капацитет на земјите-членки на НАТО и ЕУ за да ја поддржат Украина со оружје, муниција и резервни делови уште долго време со цел Украина да ја одбрани својата територија, бидејќи истовремено и Русија добива помош од Иран и останатите авторитарни режими“.
Тој одлуката на македонската Влада да донира хеликоптери ја оценува како континуитет во напорите на земјата за поддршка на Украина и украинскиот народ и смета дека поддршката мора да продолжи онолку колку што е потребно. Земјава веќе и подари на Украина авиони „сухои“ и тенкови Т-72.