Линкови за пристапност

Ана Павловска-Данева, Правен факултет: За кого плаќаме во јавните претпријатија?


Ана Павловска-Данева, Професорка на Правен факултет „Јустинијан Први“
Ана Павловска-Данева, Професорка на Правен факултет „Јустинијан Први“

Како граѓанин, не знаете кому плаќате, кој всушност управува со јавното претпријатие. Нема јавни биографии за лицата од управните и надзорните одбори и колку се тие професионални, укажува Ана Павловска-Данева, професорка од Правниот факултет, „Јустинијан први“ во разговор за Гласот на Америка

Како граѓанин, не знаете кому плаќате, кој всушност управува со јавното претпријатие што вие го плаќате. Нема јавни биографии за лицата од управните и надзорните одбори и колку се тие стручни професионални.

Тоа го укажува Ана Павловска-Данева, професорка од Правниот факултет, „Јустинијан први“ во кусиот разговор за Гласот на Америка.

Со професорката разговаравме во рамките на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, што деновиве во Скопје ја организираше Институтот за комуникациски студии.

Павловска-Данева вели дека ниското ниво на транспарентност се случува токму во јавните локални и национални претпријатија и институции од кои граѓаните секојдневно имаат потреба.

Треба да бидат објавени и лицата што се функционери, членовите на управните и надзорните одбори, но, и нивните биографии. Тоа не можете да го најдете.

„Ако прочепкаме надолу, кон оние органи со коишто ние имаме секојдневен контакт, а тоа се јавните претпријатија, од коишто бараме услуги. Ние не бараме услуги од министерство за одбрана секојдневно, ретко кој се обраќа. Па дури и во Влада, директно, ниту влегуваме, ниту ни требаат конкретни информации, во тој обем, колку што ни требаат информации од кое било друго јавно претпријатие. Да речеме, тоа што треба да ни ги чисти патиштата и коишто ги плаќаме. Тука недостасуваат информациите, тука транспарентноста е помала“, посочува професорката.

Таа го прозива моментот што нема јавни податоци за лицата што се во раководните органи на јавните претпријатија и институции.

„Сите тие имаат управни и надзорни одбори, директори. Согласно закон, треба да бидат објавени и лицата што се функционери, членовите на управните и надзорните одбори, но, и нивните биографии. Тоа не можете да го најдете“, вели Павловска-Данева.

Таа сподели и податоци дека од 44 домашни јавни претпријатија, само шест ги објавиле членовите на управните одбори и нивните биографии.

„Во другите, како граѓанин, не знаете кому плаќате. Кој всушност управува со јавното претпријатие што вие го плаќате. Тогаш сфаќаме дека се одлеваат огромни пари на разни функционерски додатоци. На претпријатија коишто не ја завршуваат доследно својата работа, коишто се загубари, а притоа ние не знаеме кому му ги даваме, кои се луѓето што се избрани и именувани да ги вршат тие функции?“, прашува професорката.

Недоверба во институциите која се шири нагоре

Тоа раѓа недоверба во институциите и после се шири нагоре, кон нивниот основач

Според Павловска-Данева, токму нецелосната отвореност на органите кои им се најпотребни на граѓаните, ја создаваат недовербата и кон целиот систем и институциите.

„Тоа раѓа не само нетранспарентност, тоа раѓа недоверба во институциите и после се шири нагоре, кон нивниот основач (државата или општините). Значи тогаш ние немаме доверба ниту кон Владата, иако таа котира на второ место, ниту кон градоначалникот, кој и да е“, нагласува професорката.

За Павловска-Данева е прифатливо раководните лица да се блиски до владејачката политичка структура. Но, бара јавни податоци да се види нивната кадарност за позициите на коишто тие лица се поставени.

„Ниту еден граѓанин не го спори фактот дека тоа се луѓе блиски на власта, која и да е. Се менуваат властите, нивните блиски луѓе се во управните одбори. Колку се стручни и колку се професионални, можеме да видиме преку нивните биографии кои ние не ги гледаме, кои се некаде скриени“, укажува Павловска-Данева.

Исплата на плати и за поранешни директори

Професорката од Правниот факултет укажува и на уште една појава во јавните претпријатија, а која, како што вели, создава ситуации во кои се трошат средства за плати и на поранешни директори. Оваа појава ја поврзува со постоењето менаџерски договори во претпријатијата.

Ако се смениле тројца директори на едно претпријатие, на коишто не им е истечен мандатот, ние плаќаме три мандата

„Во секој менаџерски договор е предвидена клаузула дека откако ќе замине менаџерот, односно ќе биде сменет, бидејќи дошла нова влада, или во рамките на истата влада се сменил коалицискиот партнер и тогаш, еден менаџер што го добил политичкиот колач си оди, и доаѓа друг. Во менаџерските договори им се предвидени клаузули дека тие ќе бидат исплатени до крајот на нивниот мандат. Ние сето тоа го плаќаме“, посочува Павловска-Данева.

„Ако се смениле тројца директори на одредено претпријатие, од една иста влада, или од различни влади, сеедно, на коишто не им е истечен мандатот, ние плаќаме три мандата. Ако не го плати јавното претпријатие само, односно следниот менаџер, одат на суд и ги добиваат судските пресуди и се одлеваат пари од државниот буџет. Тоа не смее да биде така. Овие клаузули треба да се тргнат, а менаџерските договори треба да бидат јавни“, категорична е Павловска-Данева.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG