Линкови за пристапност

Амнести интернешнал: Политиката на страв и омраза во некои држави била прикажана како нешто нормално


Во најновиот извештај на Амнести интернешнал, се документирани прекршувањата на човековите права во речиси 160 земји, а се наведува и дека во 2017-та година, политиката на омраза и страв од страна на некои од најмоќните лидери во светот, била прикажана како нешто нормално.

Во извештајот се вели дека активностите на лидерите во Египет, Филипините, Венецуела, Кина, Русија и САД, ги подриваат правата на милионите лица. Во документот се тврди дека слободата на говорот на светско ниво во 2017-та, била уназадена, а на Кина, Египет и Турција се укажува како на најголеми престапници.

Во делот за слободата на говорот за Македонија, стои дека слободата на медиумите се` до месец мај, била сериозно компромитирана заради владиното мешање во печатените и другите медиуми, преку контролата на рекламирањето и други приходи, што резултирало во автоцензура и ограничено истражувачко новинарство.

Во однос на казнивоста, се наведува дека Специјалното јавно обвинителство, покренало истраги за кривичните дела кои произлегоа од објавените аудио-снимки, како обвиненијата против 94 поранешни владини службеници меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, како и отворање на истрага за убиството на Мартин Нешковски во 2014-та година и владиното прикривање во истрагата на случајот. Но, во извештајот се наведува дека неказнивоста за воени злосторства останува, вклучувајќи и присилните грабнувања.

Во делот за почитувањето на правата на бегалците пак, се наведува случајот со незаконскиот притвор на мигранти и азиланти во период од две недели во Прифатниот центар за странци, со цел да сведочат во судската постапка против трговци со луѓе. Европскиот суд за човекови права го разгледал и случајот со осум бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан - меѓу 1.500-те бегалци и мигранти кои во март 2016-та година биле насилно вратени во Грција од страна на македонските власти, кои не ги истражиле нивните индивидуални околности.

Во однос на правата на ЛГБТ заедницата, се наведува позитивниот пример од септември, затоа што Управен суд пресудил дека трансродовите лица може да ги сменат информациите за полова припадност во официјалниот регистар, обезбедувајќи законско признавање на половиот идентитет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG