Амнести интернешенал наведува дека милитантите на Исламската држава го користат силувањето како оружје против грабнатите жени од северен Ирак коишто припаѓаат на етничката заедница Јазиди, како и дека тоа е на ниво воени злосторства и злосторства против човештвото.
Организацијата за човекови права во извештајот објавен денеска дава детали од интервјуата со 42 жени и девојки коишто успеале да избегаат откако биле грабнати од милитантите, како и со неколку други коишто се` уште се во заложништво. Овие лица тврдат дека биле изложени на физичко и психолошко измачување, меѓу што и силување и други видови на сексуално насилство. Неколкумина од оние коишто успеале да избегаат наведуваат дека претрпените маки најверојатно се причина за самоубиството на една 19-годишна девојка, а неколку други жртви се обиделе да го сторат истото.
Вишиот советник на Амнести за реакција на кризи, Донатела Ровера, оцени дека физичката и психолошката цена е катастрофална, како и дека дури и оние коишто успеале да избегаат се се` уште длабоко трауматизирани.