Линкови за пристапност

Законот за амнестија ќе повлече правни последици, сметаат експертите


Иако се` уште не е во сила, јавноста реагира за содржината на законското решение, намената и целта на амнестијата

За поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, амнестијата сама по себе е судир со правдата и станува збор за политички, а не правен чин.

Тој смета дека политиката одамна е влезена во правото и со тоа се изместени нормите.

Сепак, според Ивановски, во овој случај станува збор за повисока цел.

„Јас како правник не ја прифаќам амнестијата, но, како човек да. Станува збор за изнуден чекор поради кој ќе се црвенеат и правници и судии и обвинители, но, подобро е да се голтне оваа кнедла и да се прифати за да се создадат услови за усвојување на уставните измени“, вели тој.

Според Ивановски, самиот закон за амнестија е нејасен, и има многу недоречености и слабости.

„Во конкретниот случај се` уште се водат постапки и не е утврдено кој е виновен а кој не. Очекував дека во законот ќе бидат прецизирани и конкретизирани делата, а не вака компромисно со опис. Погрешно е и што Обвинителството треба да даде мислење за индивидуалните барања за амнестија“, смета Ивановски.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека станува збор за решение кое ќе повлече правни последици и оти е спорно што во процесот се вклучуваат судот и Обвинителството.

„Претпочитав почисто решение на законот. Моделот на кој што се пристапи е оригинален. Јас не сум сретнал ваква амнестија. Особено е спорно што се вклучуваат и судовите и Обвинителството. Чудно решение, кое по моја проценка ќе влече правни последици. Се надевав дека дојде време во кое ќе се даде малку повеќе вредност на правото и на правната држава, а политичарите ќе ги тргнат рацете од правото“, изјави Калајџиев.

Вилма Русковска, шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и обвинител во процесот за 27-ми април, се` уште е воздржана од коментари околу законот за амнестија.

Судијката Добрила Кацарска, пак, која го води судскиот процес е со став дека законот е предвремено донесен.

„Има многу нејасни работи, ваков закон досега не сме имале. Според мене ни еден факт не е докажан додека не се докаже во постапка, а тоа е додека целосно не заврши судскиот процес. Во оваа фаза не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е донесен предвреме“, изјави Кацарска.

Првиот човек на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева нема коментар околу содржината на законот, но, додава дека тој нема никаква сличност со амнестијата која ја даде претседателот Иванов за обвинетите во случаите што ги води СЈО.

Европската комисија го поддржа законот за амнестија, кој според нив, дава можност за помирување на опшеството

„Одлуката на Собранието да го усвои законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој се бил вклучен во органиизрањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27-ми април“, стои во соопштението на портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.

Собранието во понеделникот експресно и по скратена постапка, со 95 гласа „за“, без против и воздржани, го донесе законот за амнестија за настаните во Собранието од 27-ми април минатата година.

Според него, амнестијата нема да ги опфати организаторите и оние што ги планирале упадот и насилствата, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле и не постапиле по службените овластувања.

Ова значи дека пратениците кои сега се на обвинителната клупа можат да бидат амнестирани.

Откако овој закон ќе стапи на сила, сите лица кои сакаат да бидат амнестирани ќе имаат рок од пет дена да поднесат барање за амнестија.

Барањето ќе се поднесува до Кривичниот суд, кој има ист временски рок од пет дена да донесе одлука дали лицето ќе биде амнестирано или не.

При одлучувањето судот ќе треба да се консултира со Обвинителството.

Судскиот процес за настаните од 27-ми април денеска продолжи со изведување на дополнителни докази кои ги достави одбраната на неколкумна обвинети.

По завршувањето на доказната постапка треба да почне и финалната фаза од судењето, завршните зборови на Обвинителството и обвинетите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG