Обиди за задушување на правото на слободно изразување во Етиопија, Бангладеш и во Русија, како и брутални напади врз цивили во Сирија, Јемен и во Судан.
Овие забелешки се наведуваат во годишниот извештај на Амнести интернешенал за 2016-та, во кој меѓу другото, се нагласува и опасна реторика „ние наспроти нив“, која ја користат политичките лидери во некои држави, како во Унгарија и во Турција.
„Во коренот на реториката лежи опасна идеја, која всушност значи дека некои луѓе се помалку луѓе од другите“, вели генералниот секретар на Амнести интернешенал Салил Шити.
Според организацијата, загрижувачка е и реакцијата на меѓународната заедница кон ужасните инциденти, како бомбардирањата во Сирија, бранот на бегалци и извештаите за употреба на хемиско оружје во Дарфур, Судан.
„Дојдовме до точка кога веќе не постои црвена линија. Речиси ниту една акција не е доволно страшна“, вели Шити.
Во Африка, се вели во извештајот, постои напад врз слободното изразување и правата на ранливите групи, како ЛГБТ заедницата.
Сепак, стои во извештајот, обичните луѓе можат да направат промени, како што се случува во Европа, САД и во делови на Африка.
Организацијата ја нотира и вонредната состојба во Франција, по терористичките напади во 2015-та година, како и напорите на администрацијата на Доналд Трамп, за привремена забрана за влез во САД на граѓани од седум држави, со доминантно муслиманско население.
Владата на САД изјави дека таква одлука е потребна додека да се воведат цврсти мерки за спречување потенцијални терористи да влегуваат во државата.