Американски војник е уапсен во Русија и обвинет за кражба, според двајца американски официјални лица. Војникот, кој не е идентификуван, бил стациониран во Јужна Кореја и бил во процес на враќање дома во САД. Наместо тоа, официјалните лица рекоа дека тој отпатувал во Русија.
Официјалните лица зборуваа под услов да останат анонимни.
Синтија Смит, портпарол на армијата, потврди дека војник бил приведен во четвртокот во Владивосток, големо воено и комерцијално пристаниште во Пацификот, под обвинение за криминално недолично однесување.
Таа рече дека Русија ги известила САД, а армијата му кажала на семејството на војникот.
„Стејт департментот на САД обезбедува соодветна конзуларна поддршка на војникот во Русија“, рече Смит.
Денес беше нејасно дали војникот се смета за отсутен без официјано одобрение.
Апсењето доаѓа помалку од една година откако американскиот војник Тревис Кинг помина во Северна Кореја преку силно утврдената граница меѓу Северна и Јужна Кореја.
Северна Кореја подоцна објави дека ќе го протера Кинг, кој беше вратен во САД, а на крајот беше обвинет за дезертерство. Познато е дека Русија држи голем број Американци во своите затвори, вклучително и извршниот директор за корпоративна безбедност Пол Вилан и новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Иван Гершкович.
Владата на САД рече дека и двајцата се незаконски приведени и се обидуваше да преговара за нивно ослободување. Меѓу другите приведени е Тревис Лик, музичар кој со години живеел во Русија и бил уапсен минатата година поради обвиненија поврзани со дрога; Марк Фогел, учител во Москва, осуден на 14 години затвор, исто така, поради обвинение за дрога; и Алсу Курмашева и Ксенија Хавана.
Апсењето на војникот во Русија прв го објави Ен-Би-Си Њуз.