Линкови за пристапност

Американски војник се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон


Припадник на американската војска се самозапали во неделата попладне, во очигледен чин на протест против војната во Газа, пред израелската амбасада во Вашингтон, соопштија властите.

Човекот бил пренесен во болница откако пожарот бил изгаснат од службеници на американската тајна служба, противпожарната служба на Вашингтон и итната медицинска помош. Мажот и понатаму е во критична состојба, изјави портпаролот на полицијата на Вашингтон во неделата попладне.

Портпаролот на воздухопловните сили потврди дека во инцидентот бил вклучен и активен воздухопловец.

„Веќе нема да бидам соучесник во геноцид“, рекол маж во воена униформа во видеото што се емитувало во живо на интернет, според Њујорк тајмс.

Тој потоа се полил со проѕирна течност и се запалил, извикувајќи „Слободна Палестина“, пишува Тајмс.

Локалната полиција и тајната служба го истражуваат инцидентот.

Израелската амбасада беше цел на тековните протести против војната во Газа.

Војната во Газа доведе до пропалестински и произраелски протести во САД.

Протестите започнаа по 7 октомври кога Хамас, палестинската исламистичка група која владее со Газа, уби 1.200 Израелци и зеде 253 заложници во прекуграничен напад.

Оттогаш, израелските сили водеа воена кампања против крајбрежната енклава, претворајќи ја во урнатини, со речиси 30.000 мртви, според палестинските здравствени власти.

Во декември, демонстрант се самозапали пред израелскиот конзулат во Атланта.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG