Американски судија во средата ја продолжи наредбата со која им се забранува на федералните власти да депортираат студент од Универзитетот „Колумбија“, кој бил притворен како учесник на про-палестински протест во рамките на универзитетскиот кампус.
Окружниот судија Џеси Фурман привремено ја блокира депортацијата на Махмуд Калил и ја продолжи забраната со објаснување дека е потребно повеќе време да се донесе заклучок дали приведувањето на странскиот студент било неуставно.
Адвокатите на Калил велат дека неговото апсење во саботата од агенти на Одделот за внатрешна безбедност на САД пред неговата универзитетска резиденција на Менхетен било како одмазда за неговото отворено застапување против израелскиот воен напад врз Газа по нападот врз Израел во октомври 2023 година од страна на Хамас, терористичка група означена од САД, и на тој начин го прекршил правото на Калил за слобода на говор.
Калил е роден и израснат во палестински бегалски камп во Сирија и дошол во САД со студентска виза во 2022 година, добивајќи дозвола за постојан престој минатата година. Тој бил истакнат член во движењето што организира протести на универзитетот „Колумбија“ против израелскиот воен одговор во Газа.
Администрацијата на Трамп вели дека пропалестинските протести во студентските кампуси, вклучително и „Колумбија“, вклучиле поддршка за Хамас и антисемитско вознемирување на еврејските студенти. Организаторите на студентските протести, пак, велат дека критиките кон Израел погрешно се мешаат со антисемитизам.
Делови од овој извештај се преземени од Ројтерс.