Линкови за пристапност

Американската војска ќе распореди хеликоптери на јапонскиот полуостров погоден од земјотрес


Соединетите Американски Држави ќе распоредат два воени хеликоптери во Јапонија на полуостровот Ното погоден од земјотресот на западниот брег на земјата за да им помогнат на напорите за помош во заедниците отсечени од катастрофата, изјави американскиот амбасадор во Јапонија.

„Два хеликоптери Блекхок ќе ја надополнат јапонската флота помагајќи да се преместат резервите и персоналот“, рече американскиот амбасадор во Јапонија Рам Емануел на социјалната мрежа „Х’, порано позната како Твитер.

Американските хеликоптери ќе започнат со операции за помош во среда, изјави јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара на брифинг со новинарите.

Силниот земјотрес од 1 јануари ги уништи патиштата што го поврзуваат изолираниот полуостров со остатокот од Јапонија и со отежната евакуација по море, некои ранливи луѓе можат да се преселат само со воздушен пат, изјави претходно извор кој е запознат со планот.

Обемот на американската помош може да се прошири во текот на следните денови, додаде изворот, барајќи да остане анонимен бидејќи тие не се овластени да зборуваат со медиумите.

Потврдено е дека повеќе од 220 луѓе загинале во земјотресот кој уништи илјадници домови, витална инфраструктура и ја прекина струјата во областа. Напорите за помош се отежнати од силните последователни потреси кои можат да предизвикаат нови лизгања на земјиштето и дополнително да ги оштетат ослабените структури.

Властите ги предупредуваат преживеаните, од кои многумина живеат во центрите за евакуација, да се заштитат од ниските температури поради обилниот снег што ја погоди областа во последните денови.

Земјотресот е најсмртоносниот во Јапонија од 2016 година кога земјотресите во југозападниот регион Кумамото однесоа 276 животи. Американските сили, кои обезбедија помош за таа катастрофа и во 2011 година им помогна на преживеаните од земјотресот во кој загинаа речиси 20.000 луѓе и ја предизвика нуклеарната катастрофа во Фукушима, се стационирани во Јапонија од Втората светска војна, што го означува најголемото воено присуство на земјата во странство.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG