Линкови за пристапност

Американската полиција повика да се прифати новиот водич за да се спречат масовните престрелки и напади


Нов водич издаден од американската агенција задолжена за заштита на претседателот, поставува чекор по чекор план за рана интервенција.
Нов водич издаден од американската агенција задолжена за заштита на претседателот, поставува чекор по чекор план за рана интервенција.

Американската агенција задолжена за заштита на животот на претседателот на Соединетите држави и други високи функционери сака државните и локалните органи за спроведување на законот да направат повеќе за да ги спречат потенцијалните закани да ескалираат во насилство и се обидува да им покаже на полициските агенции низ целата земја како точно да го направат тоа.

Националниот центар за проценка на заканите на американската тајна служба издаде нов водич, охрабрувајќи ги агенциите за спроведување на законот да создадат специфични единици за справување со заканувачкото однесување во случаи кога има значителна загриженост, иако ниту еден закон не е прекршен.

Водичот конкретно ги повикува полициските агенции да формираат, како што ги нарекува Националниот центар за проценка на заканите, единици за проценка на заканите во однесувањето, кои можат да ги проценат потенцијалните опасности и потоа да обезбедат ресурси за да се уверат дека поединците ќе добијат помош пред да прибегнат кон насилство.

„Она што нашето истражување континуирано го откри е дека во многу случаи на масовно насилство или други форми на насочено насилство, однесувањето на напаѓачот го посведочиле случајни минувачи, од кои некои се обиделе да ги пријават своите грижи до службениците за јавна безбедност“, рече на брифинг за новинарите, Лина Алатари, директорка на Националниот центар за проценка на заканите.

„За жал, на многу заедници им недостасуваат структурирани системи за примање, оценување и одговор на овие извештаи на начин што би ја намалил веројатноста за насилен или трагичен исход“, рече таа.

Молбата на Националниот центар за проценка на закани до агенциите за спроведување на законот да најдат начини да бидат попроактивни не е нова.

Извештајот од јануари 2023 година, кој анализираше 173 масовни напади извршени во период од пет години, ги повика заедниците да им олеснат на сведоците да пријават загриженост и да дозволат претходна интервенција од кризните советници и социјалните служби.

Но, најновиот водич доаѓа додека претставниците на националната безбедност се подготвуваат за потенцијално насилство.

Годишната проценка на заканите на Одделот за домашна безбедност за 2025 година, објавена минатиот месец, предупреди: „Околината за закана од тероризам во САД во текот на следната година ќе остане висока.

„Заканата ќе продолжи да се карактеризира првенствено со осамени престапници или мали ќелии мотивирани на насилство со комбинација на расни, религиозни, полови или антивладини поплаки; теории на заговор и персонализирани фактори“, се вели во соопштението.

Самата Тајна служба одговори на два неповрзани обиди за атентат на поранешниот претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп, што беше предмет на критики за неуспехот да спречи еден од потенцијалните атентатори да испука осум истрели и да го повреди Трамп пред да биде запрен.

Инспекторите во тој случај рекоа дека сега мртвиот 20-годишен вооружен напаѓач со месеци истражувал атентати и дека поранешниот претседател го гледал како „мета на можности“.

Новиот водич, има за цел да им покаже на полициските агенции како побрзо да ги забележат знаците за предупредување и да најдат начини да интервенираат.

„Историски видовме дека органите за спроведување на законот во Соединетите држави понекогаш може да се чувствуваат ограничени во она што можат да го направат кога одговараат на извештаи за закани или друго вознемирувачко однесување, особено кога тоа однесување не вклучува криминални активности“, рече помошникот началник на Националниот центар за проценка на закани, Стивен Дрискол.

„Оваа публикација го претставува најсеопфатното упатство досега произведено за тоа како да се прилагоди и операционализира моделот за проценка на закани за однесувањето на тајните служби за употреба од страна на државните и локалните агенции за спроведување на законот“, рече тој.

Некои државни агенции за спроведување на законот веќе го усвоија моделот на Тајната служба.

Државното истражно биро на Северна Каролина формираше единица за проценка на закани за анализа на однесувањето по пукањето во 2018 година во кое загинаа 17 луѓе во Паркленд, Флорида.

Единицата работи со други државни агенции и државниот универзитетски систем за да спречи потенцијални напади.

Сојузната држава Хаваи, исто така, создаде тим за да интервенира во случаи на потенцијално насилство. Слична програма има и во Вашингтон, главниот град на САД.

„Методологијата за проценка на заканите од однесувањето се покажа како ефикасна во заштитата на заедницата одново и одново“, рече Дрискол.

„Превенцијата успешно се случува секој ден и за среќа, ова се приказни за кои никогаш не слушаме, кога сите ќе си одат дома безбедно“, додаде Дрискол.

Како пример, Дрискол укажа на студијата на Националниот центар за проценка на заканите од 2021 година, која разгледуваше 67 инциденти во кои беа спречени напади врз училишта поради тоа што учениците и членовите на заедницата пријавија знаци за предупредување за властите да можат да интервенираат пред некој да биде повреден.

И покрај ваквите успеси, Националниот центар за проценка на заканите рече дека нема никакви податоци за тоа колку заедници имаат единици за проценка на заканите во однесувањето. И официјалните лица се загрижени дека премногу државни и локални агенции за спроведување на законот немаат пристап до програми кои им дозволуваат да се вклучат кога е идентификувана закана, но ниеден закон не е прекршен.

Сепак, некои федерални средства се достапни.

Американскиот Оддел за домашна безбедност соопшти дека доделило речиси 90 милиони американски долари преку програмата за грантови за насочено насилство и спречување тероризам од 2020 година.

И Алатари од Националниот центар за проценка на закани рече дека специјализираните единици можат да бидат ефективни, дури и кога луѓето и ресурсите се дефицитарни.

„Единиците за проценка на однесувањето можат да се разликуваат по големина“, рече таа како одговор на прашање на Гласот на Америка.

„Агенција со ограничени ресурси за воспоставување ваков вид на единица може да започне со само еден назначен службеник за спречување насилство кој ја одржува одговорноста за собирање информации, информации за управување со ситуации кои би можеле да се вртат околу потенцијалното насилство“, додаде таа.

XS
SM
MD
LG